„Еден за сите и сите за еден“ – солидарно во „Излет“ за „шарените командоси“

Граѓани, активисти, познати личности – еден за сите и сите за еден денес во кафе-бар „Излет“ дадоа поддршка на осомничените „командоси“ на Шарената револуција, кои се соочуваат со потенцијална парична, но и казна затвор поради боењето на протестите.

Во име на солидарноста и другарството, голем број на граѓани и соборци на „командосите“ кои се осомничени за уништување на туѓ имот, дојдоа во „Излет“ и донираа финансиски средства.

Во опуштена атмосфера и другарување, со поставени кутии за донации и беџови со симболите на Шарената револуција и граѓанското здружение „Протестирам“, почнувајќи од 13 часот по полноќ, солидарниот настан „Еден за сите и сите за еден“ го организираше персоналот на кафулето.

„И покрај прекршочните и кривичните пријави, не планираме да се повлечеме. Плановите остануваат исти, се додека не се исполнат нашите барања ќе бидеме упорни“, вели Исмаил Малиќи – Ицко, еден од осомничените кој е задоволен од големата поддршка и помош од јавноста.

Освен револуционерите и граѓаните кои секој ден во шест часот до вчера неуморно ги окупираа скопските улици, меѓу присутните можеа да се видат и познати лица за македонската јавност.

„Ја поддржувам Шарената револуција затоа што сметам дека е еден изблик на автентичен бунт и гнев на граѓаните од криминалот и автократното владеење. Сето тоа се канализира некако низ целата таа, не само младинска, туку сечија енергија и потреба за некаква промена во оштеството. Сметам дека и самиот изблик на фрлање боја кон зградите е еден вид на уметничка интервенција на просторот, затоа што прави некаков спој меѓу активизмот и уметноста, или она што ние сакаме да го наречеме „артивизам““, вели новинарката Ана Јовковска.

Според неа, настанот за донирање е одлично смислен, бидејќи јавноста има можност да покаже солидарност кон неправедно приведените, кои се во потенцијална опасност да бидат казнети.

„Сметам дека сите треба да покажеме дека сме тука и да кажеме „Стоп“ на тоа брутално кршење на човековите права“, додава Јовковска.

Стефан Бошковски, активист на Левичарското движење „Солидарност“, пак, објаснува дека ја поддржува Шарената револуција бидејќи е борба за праведно општество и барање одговорност, а денешниот настан според него е одличен начин за покажување на солидарност и другарство.

Според него, за поголем број граѓани да придонесат кон оваа кауза, потребно е секојдневно да се контактира со јавноста.

„Не се доволни само социјалните медиуми, има многу луѓе коишто немаат пристап до нив и не знаат за што се бориме. Потребна е секојдневна комуникација со јавноста“, вели Бошковски.

Јаков Спасов, студент на Факултетот за драмски уметности и лице кое редовно може да се види на протестите, вели дека е неопходно да се исполнат барањата на Шарената револуција.

„На сите ни е јасно дека оваа влада мора да си оди и има направно премногу грешки кон нас. Повеќе од реално е дека ова е диктатура и мора да заврши. Единствениот излез, најдобриот излез кој е пронајден досега е токму Шарената револуција“, вели Спасов.

„Шарената револуција можеше да употреби безброј различни средства за да покаже револт и да направи штета, но не, таа избра балони со боја. Ми се допаѓа што тоа е мирен и цивилизиран начин да се искаже незадоволството“, смета тој.

Од Протестирам и Шарена револуција велат дека во изминативе неколку дена, притисоците од МВР се заостриле.

„Само во Скопје се поднесени кривични пријави против 7 од најактивните граѓани – нашите Шарени Командоси. Се поднесуваат прекршочни пријави против десетици други граѓани, а да не заборавиме и за оние што се уште се во домашен притвор. За сите нив се очекува да добијат огромни парични казни за изразување на своето право на протест“, пишуваат на Фејсбук поканата за денешниот настан, потсетувајќи дека Здравко Савески и Владимир Куноски, долгогодишни активисти и членови на новоформираната партија Левица, се во домашен притвор повеќе од еден месец и се уште чекаат на судењето.

Кривичните пријави против седумтемина „командоси“ во Скопје беа покренати изминатиот петок. Истиот ден имаше кривични и прекршочни пријави и против 26 лица во Битола.

С.Т.