Две жени кои побегнаа од ИСИС добитнички на наградата Сахаров

Надја Мурад и Ламија Аџи Башар се добитнички на Сахаров наградата за човекови права. Двете жени од малцинството Јазиди станаа гласни поборници за правата на својата заедница, откако побегнаа од ИСИС.

Мурад и Аџи Башар беа киднапирани заедно со други Јазитки во август 2014 година, кога нивниот роден град Кочо во северен Ирак беше нападнат од џихадистите на ИСИС. Беа жртви на сексуално ропство од страна на Исламската држава, пред да побегнат и да станат гласноговорници за луѓето од нивното малцинство во Ирак.

Годишната награда Сахаров која се доделува за слобода на мисла и изразување е воспоставена во 1988 година. Го носи името на советскиот физичар и актвист Андреј Сахаров, а се доделува на „индивидуи кои направиле исклучителен придонес кон борбата за човековите права низ светот“.

Минатата година наградата му беше доделена на Раиф Бадави, саудски блогер и активист кој беше осуден на 10 години затвор и 1000 удари со камшик поради „навреда на исламот“. Во 2012, наградата ја поделија двајца Иранци, адвокатот за човекови права Насрин Сотудех и славниот режисер Џафар Панахи.

Европската унија ги опиша Мурад и Аџи Башар како „јавни поборници за заедницата на Јазидите во Ирак, религиозно малцинство кое беше предмет на кампања за геноцид спроведена од милитантите на Исламската држава“.

Мурад ја доби и Вацлав Хавел наградата за човекови права, која ја доделува Советот на Европа, на почетокот на месецов.