Две години по штрајкот на СОНК – спогодбата за подобри работни услови на наставниците остана на хартија

Поминаа две години од штрајкот на СОНК. Голем број вработени во образованието, и покрај притисоците, одлучија да кренат глас. Во февруари 2014 година, раководството на СОНК потпиша спогодба за прекин на штрајкот со Министерството за образование и наука, а за возврат требаше да дојде до позитивни промени во правата на вработените во образованието. Но, тоа не се исполни, сметаат претставници на Наставничкиот пленум и Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО).

Првичните барања беа повисока плата за 25 отсто, укинување на казните од екстерното и намалување на административните работи што ги има во образованието. Но, проблемите остануваат и денес, а како еден од нив го споменуваат доцнењето на платите.

„Платата доаѓа на 20-ти од месецот, а според колективниот договор на СОНК, треба да ја исплатат платата до 10-ти, а Законот за исплата на плати вика до 15-ти во месецот. Значи и двата рокови се пробиени и луѓето се уште остануваат во СОНК и веруваат во нивната работа, а синдикатот е создадена организација која треба да ги штити правата на вработените во образованието“, рече Ристо Николевски, претставник од МЕСО.

По запирањето на штрајкот, претставници на СОНК и Министерството за образование направија спогодба да се укинат казнувањата и наградувањата на наставниците според резултатите од екстерното оценување. Освен ова, други промени нема, вели Николевски.

Влатко Секуловски од Наставничкиот пленум, пак, рече дека спогодбата со којашто престана штрајкот е донесена набрзина, зад затворени врати на полноќ, и поради тоа потребна е поголема транспарентност за работата на СОНК.

„Синдикатите треба да помогнат во градењето на демократијата. Централата на СОНК во Скопје, на пример, собира околу 100 000 евра од своите членови, но никој од нив не знае колку оди за плати, колку за службени ручеци, или други трошоци. Таквата нетранспарентност го корумпира синдикалното движење и за да не се повтори, мора да се спречи, односно да се залагаме, да се бориме за поголема транспарентност“, смета тој.

Нагласи дека Пленумот како група продолжува со внатрешни дискусии за тоа како би се развило синдикалното движење и кои реформи би биле потребни во образованието. За притисоците, пак, вели дека ги имало и ќе ги има, но дека се надева оти наскоро ќе престанат.