Два розови тролејбуси само за жени почнаа да сообраќаат во турската провинција Малатија

Два розови тролејбуси, дизајнирани за да ги користат единствено жените, почнаа да сообраќаат пред два дена во централната анатолска провинција Малатија, јави турскиот медиум „Хуријет дејли њуз“.

Оваа новина предизвика дебата меѓу локалните жители на Малатија, како и низ цела Турција околу „родовиот апартхејд”.

На првиот ден од воведувањето на линиите, од страна на транспортната служба на Малатија, мажите кои не беа свесни за овој потег беа шокирани кога дознале дека не можат да се качат на овие автобуси. Некои жени ја поздравија акцијата изразувајќи го своето задоволство, додека други жени сметаат дека станува збор за дискриминација.

„Жените ќе бидат опуштени. Отсега ќе можеме да патуваме лесно”, рече патничка.

Друга патничка изјави дека спроведувањето е добро, но недоволно.

„Се чини како дискриминација. Во ред, лесно можеме да патуваме во розовите тролејбуси, но што ќе се случи кога ќе ги користиме другите тролејбуси? Изгледа како добра имплементација, но таа е недоволна”, рече таа.

Генералната дирекција на транспортната служба на Малатија објави соопштение во кое се вели дека два тролејбуси ќе превезуваат осум пати на ден и дека барањето за специјализирани тролејбуси за жени доаѓа од студентка на Универзитетот Инону во Малатија. Возачите на овие електични автобуси исто така ќе бидат жени.

Во меѓувреме, критика изрази и заменикот на главната опозициска партија – Републиканската народна партија, Вели Ајбаба. Тој рече дека ова е „буквално” дискриминација.

„Што ќе се случи ако студентка не го фати розовиот тролејбус? Ова е „буквално” дискриминација. Ако имате проблеми со вознемирувањето против жените, направете виолетов автобус за измамниците кои ги малтретираат. Како ќе им пријдат на жените кои не се во розовиот тролејбус? Овие тролејбуси се обид да се изолираат жените од социјалното општество. Жените што живеат во Малатија не го заслужуваат тоа “, рече тој.