ДВ: Блиски Исток – Уметниците и интелектуалците меѓу тага и бес

Војната ги менува општествата, а културата е еден од индикаторите на промените. На Блискиот исток во моментов може да се следи како уметниците изразуваат лутина или очај, критика или поддршка, надеж или резигнација, анализира Дојче Веле.

Газа

Никој не реагираше толку радикално и јасно како Сајед Кашуа (39). Пред две недели овој израелско-арапски писател и колумнист на критичкиот весник „Хаарец“ реши да ја напушти својата татковина. Прво мислеше во САД да остане привремено, но потоа реши да остане засекогаш. Причина е војната која Израел ја води во Појасот Газа, борба која изобилува со бруталност и не се колеба ни пред цивилните жртви. Кашуа уште повеќе го разочара омразата во Израел која ги растури соништата за мирна коегзистенција, за која со своите текстови се залага веќе четврт век.

„Кога еврејската младина на улиците бара смрт за Арапите само затоа што се Арапи, тогаш тоа значи дека мојата борба е загубена“, ја опиша Кашу својата резигнација во една колумна.

Неспособни за емпатија

Писателот со арапско потекло не е сам во ставот дека актуелната војна во Газа влегува во секоја пора на општеството многу повеќе од претходните, исто така крвави, конфликти. Доаѓа до уривање на табуа, вели израелскиот писател Асаф Гаврон. Тага, страв, фрустрација се зборовите со кои ги опишува своите чувства. Вели дека живее во два света: „Потполно ги разделувам работата и секојдневието, оди некако…“

Другите не се повлекуваат во себе. Познатата режисерка Шира Гефен неодамна на филмскиот фестивал во Ерусалим гласно побара да се запре огнот и ги повика луѓето да мислат на мртвите деца во Газа. На одговор не чекаше долго: „Таквите луѓе се срам за државата“, и’ порача министерот за култура Лимор Ливат преку Фејсбук. Гефер му одговори: „Извинете, зарем тука веќе не смеам да покажам човечност?“

Мохамед Дахани нетрпеливоста ја почувствува на сопствена кожа. Овој палестински професор до неодамна предавеше на универзитетот Ал Кудс во источен Ерусалим. Покрај тоа, работеше на проектот за помирување, во чии рамки младите Палестинци патуваа во Аушвиц, на местото на страшното злосторство врз Евреите. Тоа беше доволно сопствениот народ да го прогласи за предавник – избркан е од универзитетот. Тој нема намера да се откаже: „Мораме да учиме едни од други, да разговараме.“

Војна насекаде

Тука се и уметниците кои се дел од израелското општество, но поради своите биографии можат да ги согледаат работите со одредена дистанца. На пример, германската писателка Сара Штрикер, која веќе пет години живее во Тел Авив. „Доживувам хаос од чувства“, вели. Се срами што нејзиното семејство и пријатели во Германија се грижат за неа, иако во Тел Авив е мирно. Сепак, таа не се вклопува во тоа секојдневие: „Секој ден седам на работната маса и се обидувам да продолжам да работам. Не оди, понекогаш бидејќи сирените почнуваат да свират токму кога ќе почнам да пишувам, а некогаш бидејќи ги очекувам да засвират секој момент…“ Незабележително војната влегува во нејзиниот нов роман: „Онака војната незабележително продира во секоја приказна, воопшто во секој разговор.“

Медиумите не се невини, смета Тувиа Тененбом. Писателот и драматург е роден во Израел, живее во Њујорк, а во моментов во Израел ја претставува својата книга „Сам меѓу Германците“. Ги критикува медиумите со остри настапи токму во медиумите. „Странските репортери немаат врска што се случува, не зборуваат ни хебрејски ни арапски. Едни седат во болниците во Газа и во режија на Хамас ги снимаат повредените. Други седат во луксузни хотели во Тел Авив и го критикуваат Израел.“

На некои угледот кој го уживаат им дозволува јавно да критикуваат. Меѓу нив е познатиот диригент Зубин Мехта (78), кој е доживотен директор на израелската филхармонија.

„Ја сакам оваа земја, но не и нејзината власт.“ Премногу грешки, премалку храброст. Маестрото веќе долго се залага за мирен соживот, отвори две музички училишта кои ги посетуваат студенти од двете националности. Да се прашува тој, во Рамала и во Газа би ги диригирал Моцарт и Бетовен. „Регионот е раскинат, музиката може да го исцели.“

Ако дојде до исцелување, тоа ќе стигне предоцна за Сајед Кашуа. Овој писател од почетокот на приказната дигна раце од својот животен сон за помирување. Не ја напушти само својата земја, туку и својот мајчин јазик. „На хебрејски веќе нема да пишувам.“

Извор: Дојче Веле