Dub FX на премиерниот ден на „Skopje street festival“

Во скопскиот Градски парк денеска и утре ќе се одржува петтото издание на „Skopje street festival“. Фестивалот почнува од 17 часот, а се најавени повеќе стејџови со креативни, забавни и едукативни концепти, врзани за една платформа која урбано го буди Скопје.

Како главен гостин е најавен познатиот уличен артист Dub FX. Програмата е надополнета со листа на домашни артисти – „Бета Хау“, „Фанки Фреш“ (Гоце САФ, Чваре и Страјк), Game Over, Диџеј славе. Од Србија доаѓа трибјут бенд на „Red Хot Chilli Peppers“, а од Win Music Freedom корнер музика ќе пуштаат диџеј Маци и диџеј Флудер.

Освен музичкиот стејџ, на фестивалот ќе има и графити, стрит бол помеѓу познати скопски кафулиња, денс стејџ во поддршка на Битрикс, стрит форум заедно со МладиИнфо и многубројни креативни работилници.

Стрит форумот е уникатен формат кој ќе има за цел да ги спои во едно урбаноста, солидарноста и уметноста. Насловен е „Мој град – мој печат“ и се состои од три делови: „закуска“ – скопски урбани ликови како Пеце Суперхикс, Зорица Црношија, Ана Трпеска, Маја Казакова и Пеше (Греен Оут и Легијата) ќе ја раскажат својата приказна за печатот што го оставиле на Скопје; главна дискусија – графити уметниците, иницијативата „На точак“ и Здружението на студенти и младинци со хендикеп ќе зборуваат за уметноста и солидарноста во главниот град; и последно – работни групи каде што ќе се изработуваат препораки за едно поурбано Скопје.

На ВипСтритЏем, пак, се повикани танчери кои имаат шанса да ги покажат своите оригинални движења пред огромна публика и реномирани судии од Македонија и Германија.

„Подиумот на Skopje Street Festival е веќе загреан за вас, а ви обезбедивме и навистина вредни награди“, повикуваат од Подиум Македонија, организаторот на настанот.

//