Дуално образование за поголема вработеност на младите

Германските инвеститори во Македонија веќе ги прошируваат капацитетите, но немаат доволно стручен кадар. Решението го гледаат во дуалниот систем на образование, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Како што истакна Тобиас Боле од Стопанската комора на Германија во РМ, компаниите имаат недостиг од технички лица за производство и одржување, особено во автомобилската индустрија.

„Во Велес, Прилеп, Кавадарци, Охрид,.., компаниите веќе ги зголемуваат капацитетите што значи дека основните вештини за изработка и производство стануваат пософистицирани. Одлично би било ако нема потреба од надзор од надвор, односно ако луѓето се обучуваат тука, во Македонија. Ова не се обични работни места, туку места кои бараат поголеми инженерски вештини и секако, носат повисока плата“, нагласи Боле.

Според него, германските инвеститори во земјава досега отворија 15 илјади вработувања, но оваа бројка допрва ќе се зголемува, а за тоа нужно ќе биде, покрај теоријата, да се изучува и праксата директно во производство.

Борис Тримчев од Стопанската комора на Македонија посочи дека токму поради се уште невоспоставениот систем на дуално образование кај нас, невработеноста на младите е двапати поголема од просекот во ЕУ.

„Минатата година невработеноста на младите од 15 до 24 години во Македонија била 52,5 отсто, додека на ниво на ЕУ изнесувала 18,7 проценти. Во Германија стапката е 7 отсто, во Австрија 11,2, а во Швајцарија 8,6 проценти“, рече Тримчев.

Во контекст на дуалното образование, Боле го препорача т.н. златен триаголник кој подразбира, како што напомена, соработка меѓу приватниот сектор, државните институции (Министерството за образование и наука, средните училишта, факултетите) и бизнис заедницата.

МИА