Домот на Принс ќе биде отворен за јавноста од октомври

Пејсли Парк, приватниот имот и студио на Принс, ќе се отвори за секојдневни туристички тури на 6 октомври, објави вчера компанијата која раководи со неговото наследство. Со комплексот ќе управува компанијата која го води Грејсленд, домот на Елвис Присли.

Трустот Бремер објави дека милиони обожаватели на Принс ќе имаат можност да го посетат комплексот од 6038 квадратни метри во Чанхансен, предградие во Минеаполис, каде беше пронајден мртов откако се предозира од фентанил во април.

„Отворањето на Пејсли Парк е нешто што Принс отсекогаш сакаше да го направи, и активно работеше на тоа“, изјави сестрата на Принс, Тика Нелсон.

„Само неколку стотина луѓе ја имале ретката можност да го посетат имотот додека тој беше жив. Сега, обожавателите од сите страни на светот ќе можат да го искусат светот на Принс за прв пат, откако ќе ги отвориме вратите на ова неверојатно место“.

Според планот, во турите ќе бидат вклучени и студијата во кои Принс ги снимил, продуцирал и миксал неговите најголеми хитови, како и сцената на која вежбал со часови и одржувал ексклузивни приватни концерти. Ќе можат да се видат и илјадници артефакти од неговите лични архиви, како иконична облека од неговите концерти, награди, музички инструменти, уметнички дела, ретки снимки, спомени од концерти, автомобили и моторцикли.