Дојран утре гласа за или против „Казандол“ и други рудници

„Дали сте за или против продолжување со работата рудникот и рударскиот комплекс Казандол“ и „Дали сте за или против отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територија на општина Дојран“ се двете референдумски прашања на кои утре дојранчани ќе треба да го кажат својот став.

Право на глас имаат 2.746 граѓани кои ќе имаат можност да се изјаснат на осум гласачки места. За референдумот во Дојран да биде успешен ќе треба да излезат најмалку 1.374 граѓани.

Референдумот беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот но и за Дојранското Езеро.

Дојран е трета општина од југоисточна Македонија која референдумски се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници.

На 20-ти август референдум ќе се одржи и во Валандово, а потписи за распишување референдум беа собрани и од граѓаните на општините Босилово и Ново Село.