Договорите за јавни набавки од декември ќе бидат достапни за јавноста

Договорите за јавните набавки од следниот месец ќе и бидат достапни на јавноста и ќе мора да биде објавен на веб страницата на Бирото за јавни набавки, вели за МИА директорот Ѓорѓи Ѓоргиевски.

Од 1 декември секој договор за јавна набавка склучен од која било државна или јавна институција под надлежност на Владата, а со препораки и до општините и до другите јавни институции, ќе може да се реализира откако прво ќе биде објавен на веб-страницата на секоја институција.

Од оваа мерка, Владата очекува транспарентност и заштеда на парите на граѓаните во државата.

Директорот на Бирото за јавни набавки Ѓогиевски истакнува дека објавувањето на  договорите за јавни набавки заедно со  укинувањето на Советот за јавни набавки се дел од предвидените реформи во системот за јавни набавки што ќе следат и со донесување комплетно  нов закон за јавни набавки според европските стандарди.

Новиот закон се очекува најрано да биде донесен во октомври 2018 година, а стручната и пошироката јавност ќе има доволно време за коментари и предлози.

Александар Зарков, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија за МИА изјави дека ССК континуирано ја  следи сферата на јавните набавки во Република Македонија и доставува аргументирани предлози до надлежните институции за неопходноста од измена на Законот за јавни набавки.

„Потребно е да постојат построги правила кои компаниите ќе треба да ги исполнат, а институциите што ја спроведуваат јавната набавка да бидат транспарентни и да овозможат рамноправен третман на сите економски оператори. Подготвеноста на институциите да ги постават правилата на игра кои ќе важат за сите еднакво ќе претставува гарант дека изборот на јавната набавка е направен врз основа на најповолната понуда од аспект на цена и квалитет, а со тоа сите економските оператори ќе бидат сигурни дека имале еднаков третман“, изјави Зарков.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации посочува сите препораки што ги дале во изминатите години ќе бидат земени предвид во изготвувањето на предлог законот за јавни набавки.

Најавува дека и во иднина ќе ги следат јавните набавки, а реформите што претстојат треба да се однесуваат на промена во институционалната рамка и промени во начинот на кој се спроведуваат реформите.

„Кога велиме промени на институционалната рамка сметаме дека Бирото за јавни набавки треба да добие проширени ингеренции кои ќе обезбедат заштита од широкораспространетата корупција во јавните набавки и злоупотребата на јавни пари“, вели Факиќ.

Преку јавните набавки годишно се троши една третина од буџетот и затоа вклучените страни сметаат дека сериозно треба да се вложи напор во барањето механизми за спречување на корупцијата и злоупотребите на парите.

Како дел од реформите претходно беше укинат Советот за јавни набавки бидејќи во пракса се покажало дека  тоа што овој институт не ги дал очекуваните придобивки за олеснување на постапката за јавните набавки, туку бил кочничар преку кој се одолговлекувале постапките.