Дискусии, изложба, претстава, музика и саем за книги за финиш на АКТО фестивалот во Тетово

Единаесеттото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности продолжува во Тетово на 2 и 3 декември (петок и сабота), со што завршува овогодинешното издание. Фестивалот кој влезе во својата втора деценија како POPUP АКТО започна во Битола во август, продолжи во Скопје во септември, а третата фаза се одржа во Штип во октомври.

Фестивалската програма во Тетово вклучува јавни дискусии, изложба, театарска претстава, музичка програма, како и саем на книги.

Дветете јавни дискусии се дел од фестивалската серија „Уметност за промени: Одговорноста на уметникот во време на политичка и општествена криза“ во кои, освен домашни говорници ќе учествуваат и гости од Приштина и Србија. Првата фестивалска вечер ќе се одигра и претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“на режисерката Билјана Радиноска, во продукција на Артопија – Скопје. Во Тетово, како и во претходните три града ќе биде поставена изложбата „Колективна одлука – идентитет(и)“.

Во рамки на фестивалот ќе се организира и музичка програма со гостинката Блерта Косова од Приштина, а во текот на вториот фестивалски ден во Центарот ЛОЈА ќе се одвива и саем на книги.

Куратори на POP UP АКТО се Филип Јовановски и Ивана Васева, додека ко-кураторка е Биљана Тануровска – Ќулавковски.

Инаку, POPUP АКТО е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД, а организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат. Последната етапа од фестивалот ќе се одвива во соработка со тетовскиот Центар за балканска соработка ЛОЈА. Програмата на POPUP АКТО во Тетово ќе се надоврзе на темите отворени во Битола, Скопје и Штип, во однос на политичката моќ на колективите и важноста на заедничкото делување.

Детални информации за POP UP АКТО фестивалот се достапни ТУКА.