Дирекцијата за заштита и спасување се повлекува од поплавените подрачја

Дирекцијата за заштита спасување денеска ги повлекува сите 96 камиони и багери кои биле ангажирани во расчистување на последиците од поплавите во скопскиот реон, соопшти директорот Шабан Салиу.

Тој вели дека ДЗС, со 3.400 вработени исчистила и тампонирала 71 улица со вкупна должина од 15.700 метри, а се исчистени канали и речни корита во должина од 8,6 километри. Според Салиу, во поплавените реони од ДЗС направиле дезинфекција и дератизација на 447 објекти, испумпана е вода и кал од 53 куќи, исчистени се 67 септички јами и исчистени се куќи и дворови од кабаст отпад на 129 домаќинства.

Во текот на изминатите две седмици, додава, санирани биле 12 свлечишта со вкупна должина од 770 метри, санирани се темели на една куќа, а потпорните ѕидови на 10 куќи.

Салиу информираше и дека се уште не е пронајдено 16-месечно бебе кое е пријавено за исчезнато во полавите.

Екипите на ДЗС работеа во поплавените подрачја во Црешево, Смилковци, Булачани, Брњарци, Арачиново, Сингелиќ, Камник, Стајковци, Раштански пат и Инџиково.