ДИЦ: Екстерното тестирање помина генерално без проблеми, 4 прашања се поништени

Државниот испитен центар (ДИЦ) тврди дека јануарската сесија од екстерното проверување на постигањата на учениците од завршните години на средното образование поминало во најдобар ред и генерално без проблеми.

ДИЦ потенцира дека со тестирањето беа опфатени 19.178 ученици кои беа тестирани по два предмети во два дена.

„Од страна на училиштата пријавени се само 4 прашања со технички проблем од вкупно 103.300 прашања од објавената база (две прашања со нецелосен превод, едно дупло прашање и едно прашање со два исти дистрактори). Овие прашања се поништени и избришани од базата со што учениците нема да бидат оштетени“, соопштуваат од ДИЦ.

Дополнуваат дека денес во училиштата ќе бидат објавени резултатите од екстерното проверување на постигањата на учениците од завршните години на средното образование.

„Приговор на резултатите од јануарската сесија учениците ќе можат да достават во училиштата, каде ќе им биде овозможен и увид во тестот, а конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до 13.02.2017 година“, велат од ДИЦ.

За учениците кои се оправдано отсутни ќе биде организирана дополнителна сесија која ќе се спроведе во два дена и тоа на 27 февруари и 2 март.