Девојчето од најпознатата фотографија на Стив Меккари уапсено во Пакистан

„Авганистанското девојче“ кое беше прикажано на славната фотографија на National Geographic со нејзините зелени продорни очи, уапсена е во Пакистан поради фалсификување лични документи. Незаборавната фотографија, чиј автор е Стив Меккари, е најпознатата насловна страница во историјата на списанието.

Таа е уапсена по двегодишна истрага на пакистанската Сојузна истражна агенција (FIA) во северозападниот град Пешавар.

„Агенцијата ја уапси Шарбат Гула поради фалсификувана лична карта“, изјави Шахид Иљаш од пакистанската управа за регистрација на населението.

Полицијата трага по уште тројца функционери на Управата коишто и овозможиле на Гула да добие пакистански лични исправи. Доколку биде прогласена за виновна, Гула би можела да добие 14 години затвор.

Таа поднела барање за стекнување пакистански документи користејќи се со лажно име. Гула е една од илјадниците авганистански бегалци коишто успеала да ги заобиколи пакистанскиот компјутеризиран систем и да добие лична карта.

Славната фотографија е снимена во 1984 година во бегалскиот камп во северозападен Пакистан, за време на советската инвазија во Авганистан. Фотографот Меккари ја пронајде по 17 години во изолирано село во Авганистан во кое се омажила за пекар и родила три ќерки.

Во Пакистан од неодамна е покрената акција против бегалците кои со измами успеале да дојдат до пакистански лични документи. Управата досега проверила 91 милиони лични карти и открила малку повеќе од 60.000 лажни документи.

Пакистан со децении им пружа засолниште на луѓето кои бегаат од соседен Авганистан, од советската инвазија, од талибанскиот режим и од меѓународната инвазија со којашто беше соборена власта на радикалните исламисти.