Детска клиника – Скопје со демант до Здружението за цистична фиброза: Ниту ги чуваме, ниту ги криеме вашите документи

Од Универзитетската Клиника за детски болести – Скопје ги негираат обвинувањата од Здружението за цистична фиброза, кои претходно соопштија дека пациенти се легално заробени во оваа установа и не можат да си ја подигнат својата медицинска документација.

Во продолжение целосниот демант испратен од лекарскиот колегиум на Клиниката:

На Клиниката за Детски болести со години нанзад професионално се лекувале и се уште се лекуваат пациентите со цистична фиброза, од лекари експерти на ова поле.

Во однос на приоритетите на Клиниката, срамно е како Здружение кое е свесно за тешкотиите на болните деца и на нивните семејства, да зборувате и да прашувате дали некоја е болест е потешка и поприоритетна од болеста на вашето дете. Совесен родител тоа не го прави.

Ургентниот центар кој го споменувате е отворен и за вашите деца. За да истите можат да се згрижат во услови кога е потребна краткотрајна хоспитализација тријажа и третман. Вашите деца се пациенти на тој Центар.

Детска кардиологија веќе имаме од основањето на клиниката, а Детска хирургија е подолу во Клиничкиот блок и има свои простории децении нанзад.

Детската Клиника не прави приоритет на своите пациенти. За нас се сите исти. Онколошки, кардиолошки, невролошки, пациенти кои се на интензивна нега и пациенти кои се лекуваат по одделите. Сите тие се борат со тешка болест и не се дојдени во игротека туку во болница.

Пациентите со цистична фиброза секогаш биле добро лекувани и добро згрижени во нашата установа. Доказ за тоа е што голем дел од нив и покрај одлуката( која не зависеше од нас) да се префрлат во друга установа, се уште доаѓаат и се лекуваат кај нас. Мали пациенти и оние веќе возрасни луѓе со кои низ годините ги делевме нивните убави и помалку убави моменти.

Центарот за цистична фиброза веќе подолго време е префрлен во друга установа и сите проблеми со кои се соочувате како пациенти упатете ги таму. Не ја минимизирајте болката и комплексноста на останатите пациенти кои се лекуваат кај нас. Тоа не ви доликува.

Во однос на историите на пациентите. До сега само 5 – мина родители побарале да ги земат историите и да ги префрлат во Новиот Центар. Иако е законска обврска да се направи препис по барање и истата се издава со одредена надокнада, Клиниката направи отстапки токму поради тоа што ја разбира комплексноста на проблематиката и им ги отстапи преписите на родителите без воопшто да покренат постапка или да платат за тоа и вие кои го пишувате овој текст тоа го знаете.

Инаку сумата која треба да се плати за да се добие препис е 300 денари (двојно па и тројно помалку од она што се плаќа на останатите клиники). Тоа не е затоа што Клиниката за детски болести сака да заработува од некого, туку затоа што постојат закони кои ја гарантираат доверливоста на документите како што се Закон за заштита на лични податоци, Закон за права и обврски на пациентите, закон за архивско работење…

Вашите документи се тука и повелете земете ги кога сакате. Ниту ги чуваме ниту ги криеме. Нашите врати секогаш се отворени за нашите пациенти.