„Деспасито“ го сруши глобалниот рекорд за најстримана песна

Песната „Деспасито“ на Порториканецот Луис Фонси стана песната која најмногу се слушала на платформите за стримање музика на сите времиња, само шест месеци откако беше објавена.

Хит синглот бил преслушан 4,6 милијарди пати на сите стриминг платформи, со што ја стави на второ место „Сори“ на Џастин Бибер, која претходно го држеше рекордот.

„Ова што се случи е лудо“, вели Фонси, кој потекнува од Порторико и пее на шпански јазик.

„Не сакам да го користам зборот „ненамерно“, бидејќи се обидував да напишам хит, но не очекував да  биде глобален. Само сакав да ги натерам луѓето да танцуваат“.

Триесет и деветгодишниот пејач вели дека глобалниот успех на песната – која достигна број еден на листите во 25 земји – му дава надеж за моменталната политичка клима.

Доаѓам од Порторико и живеам во Мајами. Живееме во интересно време, сега кога луѓето сакаат да нè поделат. Сакаат да градат ѕидови. А една песна да ги зближи луѓето и културите, е тоа што ме прави горд“, вели Фонси.

„Деспасито“ беше број еден песна во Латинска Америка кога беше објавена во јануари, но „разгоре“ во делот од светот каде се зборува англиски откако Џастин Бибер ја слушна песната во клуб и побара да додаде строфа.

Директорот на Јуниверзал Мјузик Груп, Лусијан Грејнџ, вели дека успехот на „Деспасито“ покажува како стримањето го демократизира музичкиот пазар.

„Стримањето ѝ дозволи на песна со различен ритам, од друга култура, на друг јазик, да стане симбол за успех и задоволство“, вели за ББЦ.

„Индустријата претежно им служи на уметниците кои пишуваат музика на англиски јазик во изминатите 50 години, но стримањето ќе продолжи да ја претставува музиката на латиноамериканските уметници глобално“.