De:sonanz: концерт на берлинскиот музички состав N.M.O во Станица 26

De:sonanz Festival Skopje за вечерва го најави интернационалниот аудиовизуелен феномен од Берлин – групата N.M.O.

Концертот ќе се одржи со почеток во 20:30 часот во Станица 26 – Скопје.

Скопје е едно од избраните места на европската турнеа на NMO каде публиката ќе има можност да присуствува на овој исклучителен аудио-визуелен феномен.

Нивното концертно деби во Скопје е на покана од De:sonanz Festival, како дел од концертната програма надвор од годишниот фестивал. Настапот во Станица 26 е дел од нивната европска турнеја по издавањето на албумот Nordic Mediterranean Organization / Numerous Miscommunications Occur  исполнета со настапи во клубови (еден од последните- настапот во реномираниот берлински Berghain во рамките на CTM фестивалот), концертни сали, уметнички галерии и фестивали, како и концерт за Boiler Room Berlin.

Бендот е проект на тапанарот и продуцентот Мортен Џ. Олсен (Morten J. Olsen) и Рубен Патињо (Rubén Patiño) кои со овој проект се фокусираат на енергични настапи во живо кои радикално го редефинираат пристапот кон „живите“ настапи, користејќи лаптоп и тапани како основни вежбовни алатки за деконструкција на панк, техно и електро звуците, отсвирени со силно чувство за спектакл и досетлива перформативност. Дуото користи комбинација од физички вежби, прецизни „грешки” и манипулација на разни звучни форми за да ги демаскира илузиите и преправањата при живата изведба на музика.

На концертот во Скопје, локалната сцена ќе ја претставуваат Arlekin, ноиз-рок состав кој за подоцна оваа година го најавува албумот „Извор на главоболки” за Insulin Addicted Records, како и скопскиот слаџ/стонер проект Schwartzen. За музиката пред почетокот на концертите и помеѓу бендовите се задолжените DJ-ите од De:sonanz Festival: Andreas Hz + Random.