Десетина повредени во три инциденти во автобусите на ЈСП

Десетина повредени во три инциденти во автобуси на ЈСПДесетина лица, главно средношколци, вчера се повредени во три посебни инциденти во автобусите на ЈСП и автобуските постојки во Скопје.

Синоќа, на улицата „Алија Авдовиќ“ нешто пред 19 часот,  во автобусот на ЈСП со број 65 ,  на автобуската постојка кај црквата во село Сингелиќ,  влегле 10-15 непознати лица маскирани со шалови и без повод и причина со метални шипки нападнале повеќе патници.

Како што соопштија од полицијата, сторителите при излегување од автобусот се обиделе да извлечат едно малолетно лице од автобусот но не успеале. Истрагата трае и се преземаат мерки за откривање на сторителите.

Притоа во инцидентот биле повредени шест лица,од кои две деца биле примени во Ургентниот центар во Скопје, по што се пуштени на домашно лекување.

Во 13 часот пак, на улицата „Трета Македонска Бригада“ на автобуската постојка во автобус број 33 на ЈСП,  петнаесетина  ученици без повод и причина физички го нападнале М.С.(17) удирајќи го со тупаници по телото. На момчето му биле нанесени видливи повреди и му е укажана лекарска помош во “Св. Наум Охридски”.

Вчера и на автобуската постојка на бул. „Борис Трајковски“, без повод и причина непознато лице физички ги нападнало Б.М.(16) и Ф.К.(16), нанесувајќи им видливи повреди. И на овој инцидент, како и претходните два сеуште не е расчистен, а полицијата работи на откривање на сторителите.