Десет политички партии се обврзаа да го сменат Законот за прекинување на бременоста

Платформата за родова еднаквост ги повика сите политички партии да се обврзат дека по изборите ќе го сменат Законот за прекинување на бременоста од 2013 година. За таа цел десет партии потпишаа Декларација. 

Според Платформата, ова барање произлезе од серија на регистрирани случаи во кои здравјето и животите на жените во Македонија беа изложени на ризик од грубата примена на ограничувањата во законот од 2013 година.

„Но, тука беа и бројните реакции на граѓанските организации, стручните лица, препораките на телата за човекови права на Организациите на обединетите нации, како и забелешката од последниот извештај на Европската комисијаво која се забележува дека постојниот закон сѐ уште има ограничувачкизаконски решенија кои може да ги доведат жените да посегнат кон нелегални абортуси. И покрај сето ова, во изминативе години, Владата и Министерството за здравство не обезбедија одговори, ниту пак презедоа конкретни мерки да направат измени“, соопштуваат од Платформата.

Во Декларацијата испратена до партиите беше побарано по парламентарните избори да се обврзат „да направат измени на Законот за прекинување на бременоста и тоа во одредбите кои го ограничуваат пристапот до абортус на жените во здравствените институции го загрозуваат правото на здравствена заштита и на репродуктивните права“.

Исто така, се образаа на транспаретност и партиципативност на сите заинтересирани страни, вклучително и на граѓанските организации, во процесите на донесување нова законска регулатива при што ќе се следат препораките на Светската здравствена организација и обврските на националните меѓународните документи за човековите права.

Декларацијата ја потпишаа: ВМРО-Народна партија, Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Достоинство, Левица, Либерална партија (ЛП), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединети за Македонија, Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) и Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).

„Родовата платформа по изборите ќе работи со сите поддржувачи на Декларацијата и ќе ја следи доследноста во остварувањето на ветувањата“, соопштуваат од Платформата.