Дер Шпигл ја брани насловната на која Трамп ја обезглавува статуата на слободата

Главниот уредник на германскиот магазин Дер Шпигел изјави дека насловната илустрација на која Доналд Трамп ја обезглавува Статуата на слободата, која покрена големи контроверзии, била одговор од медиумот на заканите против демократијата.

Објавена во саботата, насловната страница прикажува карикатурална фигура на американскиот претседател со крвав нож во едната и главата на статуата во другата рака, проследена со текст: „Америка на прво место“.

„Дер Шпигл не сака да испровоцира никого. Сакаме да покажеме за што се работи. Се работи за демократијата, се работи за слободата, се работи за слободата на медиумите, слободата на правото и сè останато кое е сериозно загрозено. Значи ја браниме демократијата… Ова е сериозно време“, рекол за Ројтерс главниот уредник Клаус Бринкбаумер, додавајќи дека е изненаден од дебатата на социјалните мрежи и меѓународните медиуми која ја поттикнала илустрацијата.

Алескандер Граф Ламбсдорф, член на Слободните демократи на Германија (ФДП) и заменик-председателот на Европскиот Парламент, ја опиша насловната страна како „невкусна“.

Другиот популарен германски магазин, Дие Велт, напиша за насловната дека е „удар на новинарството“, додека дневниот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг објави дека илустрацијата е „точно она што му е потребно на Трамп – изобличена слика за него, која може да му послужи за негово дополнително изобличување на имиџот на медиумите“.

Насловната страница следи по заладувањето на односите меѓу Соединетите Американски Држави и Германија. Трамп претходно истакна дека германската канцеларка, Ангела Меркел направила „катастрофална грешка“ со нејзината миграциска политика на отворени врати, додека неговиот висок советник за трговија, минатата недела ја обвини Германија за користење на „многу потценета“ вредност на еврото за да добие предност врз САД и европските партнери.