Денови против насилството врз сексуалните работници

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и „STAR – The first sex workers collective in the Balkans“ од 15 до 17 декември организираат низа настани во рамки на Денови против насилството врз сексуалните работници.

За петок (15 декември) е најавено предавање на Лора Агустин – „Секс на маргините“. Книгата на Агустин, велат организаторите, прикажува како сексуалната индустрија функционира како несигурен пазар на труд за жените, вклучувајќи ги и недокументираните мигранти.

„Во оваа книга се наведува спасувачката индустрија, моралните претприемачи кои тврдат дека зборуваат за сите жени кои продаваат секс и ги претвораат во жртви на трговија со луѓе. Оваа извонредна книга експлодира неколку митови: дека продажбата на секс е сосема поинаква од која било друга работа; дека мигрантите кои продаваат секс се пасивни жртви, и дека мноштвото луѓе за да ги спасат, се без личен интерес“, стои во најавата.

Ден потоа, на 16 декември (сабота) е најавен „Skopje Red Light District“, уметнички перформанс кој го отсликува шармот на улицата на фенерите во Амстердам.

„Улицата на црвените светла претставува симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Почитувањето на луѓето без оглед на нивната професија е она за кое сите треба да се бориме“, велат организаторите на перформансот, кој ќе трае од 17 до 22 часот на булеварот „Климент Охридски“ број 48 до клубот „Вулкан“.

На 17 декември ќе се одржи Марш на црвениот чадор. Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, годинава по деветти пат со слоганот „Слободниот избор е право, а не привилегија” се приклучува кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден за „стоп на насилството врз сексуалните работници“.