Денови на македонска музика со Младинскиот супер оркестар

На овогодинешните „Денови на македонска музика“ во соработка со ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ – Скопје, во среда (01 април) во 19:00 часот во Македонскиот Народен Театар, ќе се одржи концерт на Младинскиот супер оркестар.

Младинскиот супер оркестар е интернационален симфониски ансамбл кој го сочинуваат млади музичари од три држави и три различни градови. Оваа година тој ги здружува талентираните млади уметници од Словенија, Србија и Македонија (Љубљана, Белград и Скопје).

На заедничката концертна турнеја ѝ претходеше грижлива подготовка на репертоарот во секоја од трите земји. Идеен творец на проектот „Младински супер оркестар“ е диригентката Јелена Шушниќ. Како претседателка и членка на жиријата на музичките натпревари во категоријата „оркестар“, таа востановила дека членовите на оркестрите често немаат никаков меѓусебен контакт, ниту можност за споредување на знаењето и заедничка соработка.

Младинскиот супер оркестар е ансамбл во кој се инсистира преку заеднички проби на неговите членови да се постигне напредок во симфониското музицирање, а истовремено преку дружба и забава да се воспоставаат трајни пријателства. Успехот на оркестарот од неговото формирање е постигнат со молскавична брзина. На турнејата во 2012 година, тие се прогласени за концертна сензација и настапуваат во еминентните концертни сали во Порторож, Љубљана и Белград, а одржуваат и целовечерен концерт на фестивалот “Pordenone Sacile” во Италија. На концертот во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“ ќе се претстават со програма која го претставува раскошот на словенечкиот, српскиот и македонскиот фолклор, создадено од перото на неколку прославени композитори.

Јелена Шушниќ дипломира и магистрира на одделите за хорско и оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Белград. Добитничка е на бројни награди и признанија по диригирање и оркестар. Во 2005 година ја добива наградата за Најдобар странски диригент (настапувајќи со оркестар од Словенија) и наградата за Најдобра изведба на модерна композицијата на фестивалот “ComuneCortemilia” Во Италија.

Соработувала со повеќе истакнати диригенти како Даринка Матиќ-Маровиќ, Младен Јагуст, Антон Колар, Станко Сепиќ, Емил Табаков, Јаков Крајзберг, Јури Темирканов, Колин Метерс и други. Како диригент одржала концерти со Berlin Sinfonietta, Белградската филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТС, Белградскиот оркестар на современа музика, Дувачкиот оркестар „Франц Штурм“ од Љубљана, Симфонискиот оркестар на Ниш и други. Гостувала на повеќе музички фестивали во Италија, Данска, Шведска, Австрија, Франција, Чешка, Германија. Шушниќ е долгогодишен истакнат музички педагог.

„Младинскиот супер оркестар“ е заеднички проект на музичките училишта од Словенија, Србија и Македонија: Глазбена школа „Вич-Рудник“, Љубљана, Средна музичка школа „Коста Манојловиќ“ , Земун, Средна музичка школа „Ватрослав Лисински“, Белград и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје.