Денови на „Јас сум Цако“ во Јавна соба

Младиот Александар Матовски, во јавноста попознат како Цако – момчето со Даунов синдром што ги крши стереотипите, организира тридневен настан во Јавна соба насловен „Јас сум Цако“. На него, од 21 до 23 септември, како добитник на Наградата за младинско учество на Проектот на УСАИД за Граѓанско учество за 2016 година, повторно ќе се обиде да го доближи светот на лицата со попречност до сите нас.

Овие денови, како што стои во најавата, ќе бидат посветени на едукација, култура, поезија, танц, спорт, музика, изложби и се разбира многу насмевки и забава.

Програмата во четврток и петок почнува во 17 часот.  Настанот ќе биде отворен со проекција на видеото „Кој е автор на оваа песна“, по што ќе следи трибина на тема „Влијанието на медиумите и лицата со попреченост“ со Сузана Турунџиева, Небојша Илиевски и Јелена Спенџарова. Петокот е во знакот на поезијата, а поетски читања покрај Цако ќе имаат  Искра Донева,  Оливера Доневска, Виолета Сековска, Марга Велеска и Снежана Матовска. Присутните ќе можат да ги проследат и латино танците со танчарите на Сара Кочан и формацијата Даун синдром од „Dancers United MK“ , а ќе бидат дел и од зумба фитнесот со Тања Блажевска и штитениците на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје.

Програмата продолжува во сабота напладне, со трибина на тема „Кој сум јас, моето секојдневие, предизвици, желби, надежи, очекувања“. На неа ќе говорат Игорче Шајновски, продавач на Лице в лице, момче со Даун синдром, Маја Савеска, средношколка, девојка со церебрална парализа во количка, Дино Шкрињариќ, водител на музичка емисија на Радио МОФ, момче со Вилијамс синдром, Ема Ананиевска , студент на Факултетот за музичка уметност, девојка со оштетен вид и Флоренс Гарет, член на национална пливачка репрезентација на Велика Британија, девојка со Даун синдром. Истовремено ќе биде поставена мини изложба на дела на Никола Колев и Никола Стојановски, лица со Даун синдром. 

Целата програма може да се види ОВДЕ.