Денот „Д“ за вработените во „Утрински весник“

Откако новинарите од „Утрински весник“ не попуштија пред ултиматумот „10 да си заминат, или затворање на весникот“, туку јасно кажаа дека ниту еден вработен не смее да биде отпуштен, денес се чека на некој став или можно решение за ситуацијата и од менаџерите на компанијата „Медија Принт Македонија“ (МПМ).

За тоа што ќе се случува понатаму со „Утрински весник“ и вработените би се знаело откако главната уредничка Соња Маџоска ќе одржи состанок со луѓе од „МПМ“.

Засега не се знае кога точно би била средбата и кој би бил епилогот, дотолку повеќе што „МПМ“ пред неколку дена по притисокот од јавноста и поддршката од новинарска фела кон „Утрински“ привидно го повлече ултиматумот. Последниот став на „МПМ“ во вторникот беше дека засега нема да има бркања или згаснување на весникот, а притоа било соопштено дека, ако има доброволци од весникот кои самостојно сакаат да си заминат, тоа можело веднаш да го сторат.

Инаку, долгогодишниот новинар Љубиша Станковиќ во вторникот на прес-конференција во име на „Утрински“ нагласи дека проблемите со весникот датираат од 2011 година кога почнаа првите масовни отпуштања. Од тогаш новинарите се под перманентен притисок и неизвесност дали ќе се случат бркање на 3, 4 или 10 луѓе. Свесни се за тешката состојба во „МПМ“, меѓутоа за неа не се виновни новинарите. Нагласи дека изминатиов период се маргинализирани сите преговори за плати и недоместоци, а сега се доведени во нова ситуација – само неколку денови откако директорот Срѓан Керим им ветил дека ќе им се исплаќаат плати еднаш во месецот, и дека нема да има ниту едно отпуштање.

„Мерките што се предвидени, со оглед дека пријавиле загуба од 1,8 милиони евра на ниво на компанија и дека ниту една работна единица не работела профитабилно, се дека најмалку 10 луѓе треба да си заминат. Ова внесе дополнителни нервози и тензии, а сите наши синдикални барања се заборавени. Вработените и новинарите во ‘Утрински весник’ не се согласуваат со гаснење на весникот. Не знам како ќе продолжиме, но нема да дозволиме ниту еден да биде отпуштен“, рече Станковиќ, кој е дел и од управниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис напомена дека компанијата веќе во континуитет тврди дека има финансиски проблеми и тоа го ефектуира со постојани намалувања на плати, откази и технолошки вишоци. ССНМ жали што се покажало дека еден од најбогатите македонски бизнисмени Орце Камчев, како еден од сопствениците на МПМ, за разлика од другите негови бизниси „така маестрално потфрли во водењето на медимскиот бизнис, но должни сме да кажеме дека финансиската состојба не е резултат на работењето на новинарите“.

„А тие го плаќаат и треба да го платат туѓиот менаџерски неуспех и поради тоа ние јавно протестираме. Ние сме цврсто уверени дека актуелната лоша економска состојба во компанијата и намалените тиражи на весниците најмногу, потенцираме најмногу, се последица на слугински однос на сопствениците кон власта“, рече Чаусидис.

Директорот на МПМ, Срѓан Керим, пак, во изјава за ТВ 21  рече дека политиката нема врска со случувањата и дека компанијата минува низ финансиски потешкотии и мора да се штеди.

„Станува збор за мерки на заштеда по сите основи, не се само за новинарите на ’Утрински весник’. Трошоците да се намалат за компанијата стабилно и финансиски да работи. Весникот нема да се чепка и нема место за шпекулирање дека зад ова се крие политика. Никаква политика освен интересите на компанијата кои налагаат да се штеди, кога поминуваме низ финансиски проблеми. Нас ни е жал што ги засега нив, но немаме избор, да имаме нема таква мерка да преземеме“, изјави Керим.

Б.Ш.