Ден на девојките и жените во науката – разбивање на предрасудите за поголема рамноправност

Кога во скопскиот планетариум за прв пат слушнала дека масивните објекти во универзумот го закривуваат простор-времето, Тања Петрушевска се воодушевила од астрономијата. Се зачленила во Скопското астрономско друштво и со другите членови често го набљудувале темното ѕвездено небо над Македонија, кое како ретко каде во Европа, не страда од големо светлосно загадување.

Проучувањето на вселената од хоби се претворило во нејзина кариера.  Студиите по астрофизика ги завршила во Италија. Магистрирала на Универзитетот во Трст, работејќи на вселенскиот телескоп „Планк“, а докторирала во Стокхолм. Во моментов работи во Центарот за астрофизика и космологија во Нова Горица, Словенија.

Тања Петрушевска при набљудувањето со Nordic Optical Telescope, во Ла Палма, Канарските Острови.

Обединетите Нации денеска по третпат го одбележуваат Меѓународниот ден на девојките и жените во науката, во светската реалност во која само околу 30 проценти од научниците се жени. Оваа година 11 февруари е посветен на „еднаквоста и рамноправноста во науката за мир и развој“.

Петрушевска за Радио МОФ вели дека иако во последните децении жените се сè поприсутни во науката, тој напредок сепак е премногу бавен. И покрај тоа што многумина сакаат да мислат дека половата еднаквост е реалност, таа констатира дека, за жал, сè уште сме далеку од тоа.

„Дискриминацијата постои и таа е присутна од денот кога се раѓаме. Таа се манифестира кога за карневал малите девојчиња ги облекуваат во принцези, а машките во астронаути“, објаснува.

Иако добрата вест е дека жените денес се скоро рамноправни со мажите во додипломските и магистерските студии, лошата вест е дека нивниот број нагло се намалува на пост-докторатско ниво. Петрушевска посочува дека дури и во Шведска, која често се издвојува како земја лидер според родовата рамноправност, само 33% од истражувачите се жени.

„Во работен контекст, состанок или конференција, да сум единствената жена опкружена со мажи е секојдневност“, додава таа.

Жените научници земени „здраво за готово“

Додека Петрушевска работи надвор од земјава, 22 годишната Тијана-Ана Спасовска ги завршува студиите по историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје. Спасовска се одлучила за оваа област и покрај негодувањата во нејзината околина. Иако сведочи за лошата атмосфера во научната сфера во државава, никогаш не се зажалила за својот избор.

„Науката го изгуби своето вистинско значење. Научник стана оној кој има диплома, титула, која за жал денес во Македонија многу лесно се добива, а не оној кој навистина се занимава со научно-истражувачка работа. Ретки се луѓето кои го заслужуваат тој епитет“, оценува таа.

Тијана-Ана Спасовска

Жената отсекогаш имала значајна улога во науката, но историјата често не и дава никаква заслуга, додава Спасовска. Иако работите во овој поглед денеска се менуваат и за неа тоа е охрабрувачки, тие сè уште се соочуваат со многу пречки. Како пример, наведува дека во полето на културата тешко е да се добие проект кој го води жена, а уште потешко е да бидеш соодветно платен за научниот труд.

„Додека студирам се соочувам со ситуации каде гледам силни и генијални жени како се борат , буквално се борат, да создадат нешто од општествена вредност и нивниот труд е земен здраво за готово. Работат pro bono или надоместокот е навистина смешен во однос на трудот кој го вложиле. Цело време слушам за копнеж по минатото, а се помалку гледам надеж за нешто подобро во иднината. Навистина атмосферата е ужасна и крајно разочарувачка“, сведочи Спасовска.

Во Македонија бројките рамноправни, ама односот различен

Македонија на светско ниво добро стои во поглед на застапеноста на жените во науката. Според извештајот на УНЕСКО, речиси половина од научниците и истражувачите се жени, но според Петрушевска тоа можеби е поради тоа што овие професии не уживаат висок социо-економски статус или престиж и затоа се подостапни за жените во Македонија за разлика од другите држави.

„Идејата да се биде астрофизичар во Македонија е голем судир со реалноста, бидејќи во Македонија има многу малку научно истражување генерално, а поконкретно нема ниту опсерваторија ниту оддел за астрономија. Тие што ги познавам и работат со астрофизика во Македонија се соочуваат со сериозен недостаток од државно финансирање. Ако направиме споредба на неколку држави колку процентуално трошат на наука, ќе видиме дека бројката за Македонија е смешна“, вели Петрушевска.

Споредба на средствата кои Македонија, Шведска, Словенија и Италија ги издвојуваат за наука како процент од Бруто домашниот производ

Од искуството на Спасовска пак, имало примери кога таа не била сфатена сериозно, само поради тоа што е жена.

„Се случувало да треба да поминам тестови и тестови додека конечно мојот збор добие значење. Пред тоа сум само девојка со интересна фантазија. Многу демотивирачки, енергијата ја истоштувам убедувајќи се за мојата сериозност и компетентност, наместо да се фокусирам на проблемот.

Според податоците на Државниот завод за статистика од 2016 година со истражувачка работа се бават вкупно 4372 лица од кои 51,6%, или 2257 се жени. Најмалку жени има во инженерство и технологија – 39,4%, а најмногу во медицинските науки – 65,2%.

Сепак, ако за пример се земе највисоката научна институција во државава, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), таму работите стојат малку поинаку. Од податоците на нивната интернет – страница, како редовни и дописни членови, од 45 академици само 4 се жени. Во историјата на МАНУ, жена никогаш не била претседател, потпретседател или секретар на академијата.

Научникот во медиумите и понатаму има машки лик

Во 2018 година, медиумите и поп-културата сè уште презентираат слика во која луѓето кои се занимаваат со наука доминантно се мажи. Од учесници на научни дебати и медиумски аналитичари, преку главните ликови на филмовите и телевизиските серии, па се до презентерите и нараторите на документарни програми, застарените предрасуди дека кога станува збор за науката – мажите имаат поголем интегритет и познавање на областа, сè уште се цврсто закопани во генерална перцепција во јавноста.

„Да, за жал, сè уште се популаризира идејата за мажот како умот во општеството. Грешката е што покрај Марија Кири, останатите жени научници речиси не се ни споменуваат во образованието, за идејата на жена научник да се доближи до луѓето уште во раната возраст. Кога станува збор за нови откритија и научни трудови важно е на еднаков начин и со ист интензитет да се извести јавноста, без разлика на полот на научникот. А за пристапот на медиумите кон изборот на наратори, актери и водители на научни емисии и филмови не сакам ни да коментирам. Во 21-от век, тоа оддамна веќе треба да е балансирано“, вели Спасовска.

Петрушевска смета дека перцепциите можат да се менуваат само низ поголемо присуство на жени научници во медиумите.

ФОТО: Тања Петрушевска заедно со колешката Катерина Бенц при експеримент од проектот Fysikshow

„Сите ние, без разлика на родот, имаме несвесна предрасуда, дека да се биде научник значи да се биде маж, а тоа е тешко да се промени. Затоа е неопходно присуството на жени научници во медиумите кои ќе служат како примери на младите генерации. Од моето време, гледам да одделам дел за оваа цел. На пример во Стокхолм, заедно со уште неколку докторанти, го создадовме проектот FysikShow, кој се состои од правење забавни експерименти по физика за основци и средношколци, со цел да се зголеми нивниот интерес кон науката генерално. Со слична активност ќе продолжам и на новото работно место. Кога се работи за Македонија, се обидувам одвреме навреме да придонесам со некој популарен напис и предавања“.

Има ли иднина за младите научници во Македонија?

Во Македонија има голема жед за наука, смета Петрушевска, образложувајќи го ова со големата посетеност кога одржува предавања во Скопје со помош на Скопското астрономско друштво. За во иднина планира настан, преку кој ќе се информираат заинтересирани ученици и студенти за можности за бесплатни додипломски, магистерски и докторски студии на нејзиниот Универзитет, како и дека постојат грантови со кои може да се стипендираат студенти од Македонија.

„Се обидувам да им пренесам на младите дека професијата астрофизичар е фасцинантна: професионалните астрофизичари го работат тоа што им е страст и се платени за тоа. Постојат одлични можности за патување и да се направат значајни научни откритија. Е сега, лошите вести се дека e тешко е да се добие трајна работа како астрофизичар/професор на универзитет, и тоа важи за сите држави. Сосема е нормално дека одделот на универзитетот,  на пример тој во Стокхолм, да добие повеќе од 100 апликации за едно трајно работно место“, објаснува таа.

Спасовска, пак, со песимистички поглед кон иднината на научното поле на кое се образува. Културата во Македонија, според неа, одамна бележи огромен пад, а новите генерации се сè помалку и помалку поттикнувани да работат и да се надоградуваат.

„Да се пробиеш во културата без да знаеш луѓе е речиси невозможно. Ситуацијата е траги-комична. На пример на институтот за Историја на уметност и археологија, фали стручен кадар. По задолжителни предмети нема вработено професор веќе 2 години, генерации поминуваат а ние се „снаоѓаме“… Не знам во чија надлежност е ова, но  е многу, многу важно да се интервенира што побргу“, повикува таа.

Даниел Евросимоски