Дел од сириските бегалци во Јордан ќе плаќаат храна со скенирање на нивните очи

Во Јордан, сириски бегалци од сега можат да платат за нивните намирници преку скенирање на нивните очи. Светската програма за храна на Обединетите Нацииво вторникот воведе нов систем во кампот за бегалци Крал Абдулах, кој го скенира ирисот со цел да се утврди идентитетот на бегалците и обезбедува брза уплата за оние кои примаат основна помош.

Иако, овој систем е нов за Светската програма за храна, за бегалците не е првпат да се среќаваат со него. Тие претходно беа подложни на овој систем кога се пријавувале во Агенцијата на ОН за бегалци, кога нивниот уникатен ирис се користел како еден вид отпечаток за складирање на информации во базата на податоци.

Новиот систем го прави процесот на купување намирници поефикасен за бегалското население, овозможувајќи поголема безбедност и сигурност од електронските платежни картички, кои лесно можат да се изгубат, украдат или злоупотребат.

„Ние всушност ја капитализираме технологијата која веќе постои“, вели Дина ел Касаби, регионален директор за комуникации на Светската програма за храна на ОН.

За бегалците, овој систем значи дека кога ќе отидат во продавница, се скенираат нивните производи на каса и преку машина плаќаат. Картички, пари или ваучери не се потребни, што е од суштинско значење за една популација која се бори да добие постојана локација.

Во Јордан има повеќе од 650 000 бегалци, претежно кои доаѓаат од Сирија. Од вкупниот број бегалци, 20 отсто живеат во бегалски кампови и се оние на кои најмногу им е потребна оваа програма за помош со храна. Засега, овој нов систем функционира само во кампот Крал Абдулах, меѓутоа Ел Касаби очекува програмата да се рашири низ цел Јордан и други земји со голем број бегалци во наредните месеци.