Дејвид Боуви ќе компонира музика за бродвејската адаптација на SpongeBob

Култниот цртан лик „SpongeBob SquarePants“ (Сунгерот Боб Панталонковски) наскоро ќе добие своја музичка адаптација на Бродвеј, со оригинални песни напишани од Дејвид Боуви, Џон Леџенд, Синди Лопер и други.

Продуцентите ја опишаа претставата како „забавна приказна за едноставен морски сунѓер кој се соочува со незамисливото“.

Премиерно ќе биде изведен во Чикаго, а ќе се игра во ограничен временски период во јуни идната година, пред да се „пресели“ на Бродвеј.

Телевизиската цртана серија, која прв пат започна да се емитува во 1999 година, се „прошири“ и на големите платна преку два успешни долгометражни филмови. The Flaming Lips, They Might Be Giants, Lady Antebellum, Panic! At the Disco и Стивен Тајлер од Aerosmith исто така напишале свои авторски композиции за претставата.

Ко-авторката и режисерка Тина Ландау од Steppenwolf Theatre Company вели дека мјузиклот ќе биде сосема поразличен од телевизиската серија.

„Ги земаме корените од телевизиското шоу, но ова е оригинална сторија со оригинален пристап кон дизајнот, како и оригинални песни напишани специјално за таа пригода од неверојатна палета на артисти“.

„Ќе го претставиме светот на Bikini Bottom и неговите ликови во сосема ново светло кое може да биде доживеано само во живо во театарот“, додава таа.

Вели дека ликовите ќе бидат оживеани со актери, а не преку реквизити или костуми кои ќе ги сокријат.

Претставата ќе биде продуцирана од Nickelodeon, телевизиската мрежа која е креатор на цртаниот филм.

Расел Хикс, претседателот на Nickelodeon за развој на нови содржини и продукција вели: „Иновацијата која Тина ја носи на сцената е комбинирана со подеднакво забавен и изненадувачки збир на оригинални песни кои ќе ги напише дрим-тим составен од фанови на сунѓерот Боб, како Дејвид Боуви, Џон Леџенд, Синди Лопер, Lady Antebellum и TI“.

Дејвид Боуви е толку голем обожавател на серијата, што дури и го позајми гласот за лик во 2006 година. Ја опиша својата ролја како Lord Royal Highness како „Светиот грал на смешните анимации“.

Откако прв пат беше емитуван на Nickelodeon во јули 1999 година, SpongeBob SquarePantsстана феномен на поп културата. Се емитува во повеќе од 85 земји и е преведен на повеќе од 50 јазици.