„Дејли мејл“: Јордан Камчев е бизнис партнерот на Саманта Камерон

Новата луксузна модна линија на Саманта Камерон, сопругата на поранешниот британски премиер, Дејвид Камерон, е направена во фабрика која е во сопственост на македонскиот бизнисмен Јордан Камчев, објави британскиот дневен весник „Дејли мејл“.

Во написот пишува дека Камерон се здружила со Камчев за да се произведува нејзината колекција во Македонија, каде работниците биле платени малку повеќе од едно евро на час.

„Дејли мејл“ за Камчев вели дека 46-годишниот бизнисмен ги проширил своите интереси во хотели, лекови и медиуми, со бурно минато и истрага за неговата работа во врска обвинувањата за даночно затајување и нелегално вработување на работници, иако никогаш не е кривично гонет.

Весникот го споменува и вчерашниот штрајк на новинарите од МПМ, кои си ги бараат неисплатените плати.

Колекцијата на Камерон, наречена „Cefinn“ беше лансирана во Велика Британија минатата недела со некои модни парчиња кои носат ознаки „Произведено во Македонија”.

Според информациите до кои дојде „Дејли мајл“, тие биле произведени во фирмата наречена „Монт“. Истата текстилна компанија, има работено и на колекциите „Некст“, „Монсун“ и „Лора Ешли“, и е дел од Орка холдинг, семејната фирма на Камчев.

„Работниците во неговата фабрика во предградието на главниот град Скопје се платени помеѓу 9.000 и 15.000 денари месечно, или помеѓу 125 и 208 фунти – што е малку над просекот за Македонија. Облеката потоа се испраќа во Велика Британија за продажба во модната куќа „Селфриџс“, каде една од маиците на Камерон чини 110 фунти, а капут 390 фунти, што е далеку поголема цена од она што работниците го заработуваат“, пишува весникот.

Во написот се вели дека на вработените им било кажано да не зборуваат за работата. Тие не сакале да дадат изјава бидејќи се плашеле да не го загубат своето работно место.

Во Литванија, дел од колекцијата е произведена од фирмата наречена „Кауно Балтија“, во градот Каунас. Работниците таму велат дека биле платени помеѓу 1.000 и 1.340 евра месечно.

Иако не се знае како започнал бизнисот помеѓу Камерон и Камчев, весникот пишува дека македонскиот бизнисмен бил близок со Лорд Фелдман, долгогодишен пријател на Дејвид Камерон и прибирач на финансиски средства за партијата на Ториевците.

Целата сторија е достапна на следниот линк.