Дебатно кино во „Дуња“ со „The Gold rush“ на Чарли Чаплин

По паузата за празниците, Котра Кадар се враќаат со проекции во Социјалниот центар „Дуња“. Овој пат, ќе се прикажува „The Gold Rush” на еден од највлијателните ликови во филмот, или поточно од ерата на немиот филм, Чарли Чаплин.

Проекцијата на филмот започнува од 19 часот, по што следи отворена дискусија. Влезот е бесплатен.

Дебатно кино во „Дуња“ ќе има уште неколку пати овој месец. Односно, на 16 јануари ќе се прикажува „If…“ на Линдси Андерсон од 1968 година. Гостинка на дискусијата ќе биде доц. д-р Мира Беќар, а темата е „Авторитет и образование“.

Потоа, на 23 ноември ќе се прикажува филмот од 1966 година – „Fahrenheit 451“ на Франсоа Труфо. Проф. д-р Калина Малеска-Гегај и Тони Димитров се гости на дискусијата која ќе следи по филмот, а на тема „Но тоа што го збориш е утопија!“.

„Современите теми во македонските филмови“ ќе биде темата на крајот од месецот, кога во „Дуња“ на 30 јануари ќе има проекција на „Хај-Фај“. Режисерот на овој филм, Владимир Блажевски, е најавен како гостин. Исто така, во дебатата ќе учествува и проф. д-р Сашко Насев.

Инаку, според културната иницијатива Контра кадар СК, филмот служи како референтна точка за дикскусиите, но заедничката рефлекција на отворените прашања е главната цел на седмичните собири, додека анализата на самиот филм е во втор план.

„Филмската програма на ‘Контра кадар’ е жанровски, стилски и тематски хетерогена, а дебатниот формат не е фискен, иако има некакви контури кои ја гарантираат можноста за еднакво и целисходно учество во дискусијата на сите присутни. Цел на иницијативата е да одржува континуирана филмска и дебатна култура и да овозможи споделување на мислењата на што повеќе поедници по однос на привремено или постојано актуелните општествени теми“, соопштуваат од Контра кадар.