Дебата: Трамп се закануваше со специјален обвинител на Клинтон

Секс, лаги и видео – ленти, жестоки обвинувања, напната атмосфера и неколку скандалозни моменти ја одбележаа втората дебата на кандидатите за претседател на Соединетите Американски Држави, Хилари Клинтон и Доналд Трамп.

Во една од размените, Трамп и се закани на Клинтон со специјален обвинител и дека таа би „завршила во затвор“, доколку тој бил претседател изминатиот период.

„Ако победам, ќе му дадам инструкции на мојот Јавен обвинител да обезбеди специјален обвинител да ја разгледа твојата ситуација – имаше толку многу лаги и толку многу измами“, рече Трамп.

„Се што кажа е целосна лага, но не сум изненадена. Добро е што некој со темперамент на Доналд Трамп не е задолжен за законот во нашава земја“, возврати Клинтон.

На ова следуваше упаѓањето во збор од Трамп: „бидејќи ќе завршеше во затвор“.

Кандидатите не се ракуваа на почетокот на дебатата, која набрзо се претвори во војна на зборови и навреди, во спектакл некарактеристичен за претходните претседателски дебати во САД.

„Во ред Доналд. Знам дека си во голема диверзија вечерва. Било што, за да те тргне од твојата кампања и тоа како републиканците те напуштаат“, возврати Клинтон на дебатата која дојде само еден ден по протечената видео снимка од пред една деценија, на која републиканскиот кандидат со вулгарен речник зборуваше за жените.

Во врска со протеченото видео, Трамп уште еднаш се извини и кажа дека се срами од тоа што го кажал, но ја релативизираше темата нарекувајќи ги коментарите „разговори од соблекувалните“. Поради видеото, голем број влијателни републиканци се оградија од Трамп и изјавија дека повеќе не ја поддржуваат неговата кандидатура.

„Имам голема почит за жените. Никој нема поголема почит за жените од мене“, рече Трамп.

Клинтон одговори дека видеото открило „што мисли за жените и што и прави на жените“.

„Вели дека видеото не го покажува тоа што е. Но мислам дека на секој кој ги слушна, му е јасно дека тие го претставуваат точно каков е. Со поранешните кандидати републиканци за претседател сум имала разлики. Во политиката, вредностите, принципите… но никогаш не сум ја довела во прашање нивната способност да ја вршат функцијата. Доналд Трамп е друг случај“, изјави Клинтон.

Трамп на нападите врз него одговори со контра-напади врз Бил Клинтон и неговите наводни сексуални напади врз жени.

Вашингтон Пост објави дека кампањата на Доналд Трамп сакала да ја засрами и заплаши Хилари Клинтон со барање, на местото во салата предвидено за членовите на семејството, да бидат сместени четири жени кои го имаат обвинето нејзиниот сопруг, Бил Клинтон, за сексуална злоупотреба. Ова барање било одбиено од организаторите на дебатата.

Спорни беа и разликите во ставовите за справување со ситуацијата во Сирија помеѓу Трамп и Мајк Пенс, неговиот кандидат за заменик-претседател. Републиканскиот кандидат рече дека нивните ставови „не се исти и дека не разговарале со него на таа тема во детали“.

Хилари Клинтон доби прашање и за нејзините ставови „дека е потребно да се има и јавна и приватна позиција по некои прашања“ кои беа јавно објавени од Викиликс. Демократскиот кандидат ја обвини Русија за хакирањето на мејловите и одговори дека тие коментари ги дала во цитирање на филмот „Линколн“, каде поранешниот американски претседател вешто се снаоѓал со различни аргументи кон различни групи на луѓе.

Во тек се анкетите по втората дебата и по последните турбуленции во таборот на Републиканската партија. Според последните податоци, поддршката за Клинтон на национално ниво беше во просек околу 4% поголема од Трамп.

Следната, трета и последна, дебата треба да биде организирана на 19-ти октомври. Претседателските избори во САД ќе се одржат на 8-ми ноември.