Давор Поповски и официјално стана претседател на СПУКМ

Давор Поповски, кој во скандалозните избори на 30 јуни беше избран за претседател на Студентскиот парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и официјално ја презеде функцијата.  Во документите од Централниот регистар на РМ, до кои дојде Радио МОФ, веќе е направена промена на функцијата, при што наместо досегашниот вд претседател Кирил Спироски, сега стои името на Поповски.

1

Како што коментираат од Студентски пленум, ваквиот чекор од СПУКМ е очекуван, но тоа, велат, не значи дека Поповски е легитимно избран претседател.

„За да се распишат избори за претседател во склоп на СПУКМ, треба минимум 5 матични факултети да дадат печат за да поддржат кандидат. Проблемот е, како се дадени тие печати кога имаме нефункционални матични студентски парламенти? Под нефункционални мислам на оние кои што немаат распишано избори и што не постојат во Централен регистар. Од тука и се повлекува легитимноста на „пртседателот” на СПУКМ, која допрва правно се проверува“, велат од Пленум.

Изборите како скандалозни ги оцени и ректорската управа при УКИМ, кои договорија со формирање на две комисии да се истражуваат случувањата околу во текот на изборниот процес. Прва беше формирана Комисијата за измена на Статутот на УКИМ, која се состана неколкупати, но без конкретни заклучоци. На последната седница на Ректорската управа во јули беше одлучено да се формира и Комисија којашто ќе ги разгледа сите факти и докази за она што се случило на денот на изборите. За оваа Комисија се уште нема никакви јавни информации за тоа кога ќе се одржи и како ќе тече работата.

Во текот на јунските избори беше забележано крадење на избирачките кутии, имаше проблеми со броењето гласови, а вечерта заврши со протест на студенти пред СПУКМ и масовно присуство на специјални полициски единици. Додека голем број младински организации беа згрозени од настаните што го пратеа изборниот процес, СПУКМ ги оцени изборите како фер и демократски.