David Lynch се повлекува од продолжението на „Twin Peaks“

Прославениот режисер David Lynch објави дека нема да учествува во снимањето на продолжението на култната телевизиска серија „Twin Peaks“. Според претходните најави, новата верзија на серијата, популарна во раните 90-ти, требаше да се емитува идната година.

Lynch вели дека се повлекува затоа што „не му биле понудени доволно пари за да напише сценарио какво што мисли дека треба да напише“. Тој деновиве им се јавувал на актерите за да им каже дека се повлекува од проектот. Ова, сепак, не значи дека продукциската куќа Showtime нема да ја снима серијата, која е меѓу најочекуваните телевизиски производи на 2016.

Според плановите, треба да бидат снимени девет епизоди од „Twin Peaks“, во кои дејството ќе се случува во денешно време, а целата идеја беше да се одбележат 25 години од премиерата на серијата.

Оригиналната прва сезона од „Twin Peaks“, во која се работи за мистериозно убиство на младата девојка Laura Palmer во измислен град во американската држава Вашингтон, е една од најценетите телевизиски серии на сите времиња, благодарение, пред се, на авторскиот печат на David Lynch. Втората сезона, која имаше двојно повеќе епизоди, наиде на многу послаби критики.