Дарко Рундек утревечер на Таксират со јубилејниот перформанс Apocalypso Now

Еден од најреномираните музички автори во регионот, Дарко Рундек се враќа на Таксират за прослава на 20-годишнината од неговиот прв соло-албум „Апокалипсо“. Големиот јубилеј, на 7-ми декември во Младински Културен Центар во Скопје, Рундек ќе го прослави со македонската публика, претставувајќи го специјалниот музичко-сценски перформанс Apocalypso Now од истоимената турнеја со лимитиран број ексклузивни настапи во регионот.

На оваа турнеја Рундек го придружуваат седум одбрани музичари, со кои албумот Апокалипсо го разоткрива на сцената во уникатен аудио-визуелен настан, претставувајќи ја сета интимност, убавина и раскош на неговата музика и поетика, а која стана дел од животот на повеќе генерации во регионот, од тинејџерите до луѓето кои зад себе носат и повеќе од пола век искуство.

Првиот солистички настап на Рундек во Македонија беше токму со „Апокалипсо“ и токму во МКЦ на првиот Таксират. Токму затоа, одбележувањето на две децении од „Апокалипсо“ со ексклузивниот концерт на Дарко Рундек овој декември ќе биде и музичката прослава за крај на ова издание и исчекор во 20-годишнината на Таксират Фестивал.

Славниот загрепски музичар Дарко Рундек својата кариера ја започна како член на музичкиот состав кој го предводеше југословенскиот нов бран ХАУСТОР, кој сѐ уште важи за еден од највлијателните бендови во регионот. По распадот на групата, Рундек го објави својот дебитантски соло албум „Апокалипсо“ во 1997 година, кој иронично и поетично говори за постсоцијалистичката ера. Ова издание беше оценето како хрватскиот музички настан на годината, освојувајќи дури пет „Порин“ награди. Следните соло изданија на Рундек дополнително го зацврстија неговиот статус на еден од најзначајните артисти на Балканот, вклучувајќи го и неодамнешното од 2015 година, кога со неговото Cargo Trio објави уште едно издание крунисано со „Порин“ наградите, албумот „Мостови“ прогласен според критиката за најдоброто хрватско издание на декадата.

Оваа година, 20-годишнината од „Апокалипсо“ се прославува со специјалното двојно издание кое вклучува и досега необјавени снимки на „Хаустор“, но посебно и на сцената со успешната турнеја која го претставува, продукциски извонредно заокружениот аудио-визуелнен проект „Apocalypso Now“. Придружуван од седум музичари, Рундек го оплеменува својот перформанс на оваа посебна турнеја и со уникатни видео проекции и светлосни ефекти, посебна костимографија и режија, наменети за големите концертни сцени.