Данска забрани стапување во брак на лица под 18 години

Данската влада го усвои законот со кој им се забранува на луѓе на возраст под 18 години да се венчаат, откако беше наведено дека десетици млади бегалци влегуваат во земјата со брачни партнери.

Во законот се наведува и дека малолетните баратели на азил кои се венчале во странство, нема да им се признае бракот. Оваа одлука доаѓа по ланскиот извештај на Министерството за интеграција кој откри дека имало 27 малолетници во данскиот систем за азил кои имале брачни партнери .

Според законот усвоен во четвртокот, кој ќе стапи на сила на 1 февруари, исклучок од забраната ќе има ако паровите може да обезбедат „силен аргумент” за нивниот брак.

Голем број на правни експерти и групи за човекови права во Данска ја критикуваа одлуката на владата. Портпаролката на Националниот совет за деца, изјави дека организацијата е против законската регулатива, бидејќи „не се зема предвид најдобриот интерес на детето”.

Во февруари минатата година, министерот за интеграција соопшти дека паровите што бараат азил во земјата ќе бидат одвоени ако еден од нив е под 18-годишна возраст, по информациите во медиумите дека жените баратели на азил на возраст од 14 години влегуваат во земјата во брак со мажи кои се десет или повеќе години постари од нив.

Меѓутоа, овој закон беше повлечен седум месеци подоцна, откако се увиде дека оваа политика ги повредува правата на барателите на азил.

Раното стапување во брак често се врши во бегалските кампови во Либан, Јордан и Турција од страна на семејства кои се обидуваат да ги заштитат девојките од сиромаштија или сексуална експлоатација, додека на други места, сиромашните семејства понекогаш ги мажат своите млади ќерки во замена за мираз.