Дали снимката на која се гледа како е прегазен малиот Алмир е од јавен интерес?

Изминатиот викенд македонската јавност ја потресе случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово, кој беше намерно прегазен, по што почина.  Според информациите во медиумите, на грозоморната случка ѝ претходела расправија меѓу родителите на детето и осомничениот за прегазувањето. Ден по информацијата за неговата смрт, беше објавен и видеозапис од немилиот настан.

Пишува: Ана Анастасовска

Порталот на албански јазик „Телеграфи“ минатата сабота објави вознемирувачка снимка од безбедносни камери на која се гледа прегазувањето на четиригодишниот Алмир и на неговите родители од Куманово. Видеозаписот го презедоа голем дел од електронските медиуми, а некои од нив го пренесоа на сензационалистички начин за да соберат што е можно повеќе допаѓања и коментари, што предизвика и остри реакции во медиумската сфера. Дали видеоснимката требаше да биде пренесена или не? Ова е дилемата што се отвори откако социјалните мрежи почнаа да „горат“ од снимката. Порталот „Телеграфи“ ден потоа го отстрани видеозаписот од официјалниот канал на „Јутјуб“.

Откако грозоморната снимка осамна на веб-страниците на речиси сите медиуми, дел од новинарските работници се јавија со реакции и со апели за таа да биде отстранета и повлечена поради разгорувањето на меѓуетнички тензии кои можеа да се насетат од коментарите на социјалните мрежи.

СЕНЗАЦИОНАЛНОТО ОБЈАВУВАЊЕ НА СНИМКАТА Е СПРОТИВНО НА КОДЕКСОТ НА НОВИНАРИ

Професорката Жанета Трајковска од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, преку својот фејсбук-профил, ги праша новинарите што ја објавија снимката, кое им е оправдувањето за таквиот потег.

„Кој е јавниот интерес тука?! Дополнително разгорување на страстите, поттикнување етничка нетрпеливост, повеќе кликови за вашиот портал, ситење на туѓа болка, или пак сработувате за Грујо и Али да останат уште 10 год. на власт?! Чиј јавен интерес браните и која ви е етичката ограда и оправдување за објавување на грозоморната снимка?! Откривте нешто што не знаевме, освен дека луѓето се ѕверови?! Во име на граѓаните и заштита на јавниот интерес секако дека не работите! Дајте ми етичка норма која ве оправдува! Кажете ми ја човечката норма која вас ќе ве оправда дома! Кај ви е умот?! Имате ли ум?!“, напиша Трајковска.

Со реакција се јави и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), укажувајќи дека преземањето и објавувањето на таквата содржина внесува дополнителна вознемиреност и гнев кај јавноста околу инцидентот и последиците од него. Од СЕММ се децидни дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување, во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството.

„Објавувањето на видеоснимката е и во спротивност со член 8 од Кодексот на новинарите, според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“. И покрај тоа што ваквото известување кај некои од медиумите би можело да се оправда со потребата од задоволување на јавниот интерес и разбирање на тежината на инцидентот, укажуваме дека новинарите и уредниците треба да ја почитуваат и приватноста на личноста, што е во согласност со член 7 од Кодексот на новинарите на Македонија“, се наведува во соопштението од СЕММ.

Оттаму апелираа до медиумите да водат сметка за целта и за последиците од своето известување, како и за публиката што ќе дојде во допир со вознемирувачката содржина.

„Освен тоа, им укажуваме на уредниците дека сносат одговорност што со објавувањето на таквиот материјал овозможуват и негова понатамошна поширока дистрибуција и пристап до него од ранливи категории граѓани и малолетни лица, што би можело да предизвика дополнителна вознемиреност и последици од таквото известување“.

ЈАВНОСТА ИМА ПРАВО ДА ЗНАЕ

Уредникот на „Слободен печат“ и раководител на порталот „Плусинфо“, Бранко Героски, одлучил дента, кога се појавила снимката, да не ја објави на неговиот портал. Но, еден ден подоцна, заклучил дека јавноста има право да го види видеозаписот.

„Дента кога снимката, на која се гледа како возилото на убиецот го прегазува семејството Алиу, при што малиот Алмир го губи животот, се појави по порталите, „Плусинфо“ не ја објави. Снимката е вознемирувачка, таа ја зголемува болката на најблиските на Алмир и може да поттикне одмазднички чувства кај луѓето. Тоа беше причината поради која на денот на најавениот и одржан протест не сакавме да долеваме масло на огнот. Но, колку и да е вознемирувачка, јавноста има право да ја види оваа стравична снимка од Куманово, која сведочи за едно навистина ѕверско убиство, на акт што тешко може да се објасни, а камоли да се оправда“, посочува Героски.

Тој вели дека секој снимката ја објавил на свој начин, онака како што проценил дека треба.

„Има медиуми кои постапија поинаку. Некои снимката ја објавија во сензационалистички манир, други ја објавија, па ја повлекоа, трети одлучија јавноста да ја поштедат од ова сведоштво за едно трагично безумие. Не спориме со ничија одлука. Секој со своите аргументи. Со нужната доза внимателност, што го наметна еднодневното ембарго, нашата одлука е недвосмислена – победи врвното начело на новинарската етика, јавноста има право да знае“, дециден е Героски.

ШТО ВЕЛИ КОДЕКСОТ НА НОВИНАРИ

Кодексот на новинари во членот 7 јасно пропишува дека:

Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Понатаму, пак, во членот 8 стои:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Овие правила подетално се објаснети во Прирачникот за етика во новинарствотопубликуван од Здружението на новинари. Имено, во делот посветен на Кодексот на новинарите – упатства и препораки, на страна 18 е нагласено дека:

Правото на јавноста да биде информирана не може да биде оправдување на потребата од сензација.

На страна 19, пак, пишува:

Извештаите треба да водат сметка за семејството на жртвата, да не се зголемува нивната болка, но и да не придонесе кон нивно „жигосување“.

ШТО Е ЈАВЕН ИНТЕРЕС ВО МЕДИУМИТЕ

Дали објавувањето на снимката од грозоморниот настан во Куманово во кој беше прегазен малиот Алмир е јавен интерес? Точно е дека јавниот интерес не е дефиниран во ниту еден закон кој ги регулира медиумите. Прирачникот за јавниот инетерес во новинарството го дефинира како „она што е од интерес или од корист за најголемиот број луѓе во општеството“. Но, како што се наведува во Прирачникот, проблем е што новинарите често не прават разлика меѓу она што ја интересира јавноста (публиката) со она што е од интерес на јавноста, односно од корист на општеството.

„Јавниот интерес не е она за што е заинтересирана јавноста, она што сака да го дознае публиката и не значи задоволување на нејзината љубопитност, ниту, пак, може да се оправда како морален критериум за нечие скандалозно однесување. Правото на јавноста да знае не може да биде изговор да се ѕирка во нечиј приватен живот. Непроверените информации и анонимните снимки не можат едноставно да се објавуваат во
името на заштитата на јавниот морал“, се наведува во Прирачникот.

При утврдување на јавниот инетрес, новинарите мора да почитуваат 10 основни принципи:

1. Доверба и заштита на јавниот интерес;
2. Точност и вистинитост;
3. Непристрасност;
4. Транспарентност;
5. Отчетност;
6. Интегритет и уредувачка независност;
7. Правичност;
8. Штета и навреда;
9. Приватност;
10. Заштита на децата и на младите лица.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).