Дали е хуморот најдобро оружје против бранот на десничарски национализам во Европа?

„Вооружени“ со билборди со исмевачки пораки, лажни весници и шеги кои станале популарни на интернет, група шегаџии, која сега имаат своја партија, го измачуваат авторитарниот лидер на Унгарија, пишува Guardian.

Gergely Kovács никогаш не сакал да се инволвира во политика.

„Претпочитам да се шегувам наоколу, а не да се борам за нешто“, рекол тој за магазин во родната Унгарија минатата година. Од 2000 година, Kovács е лидер на група на уметници-шегаџии, сега познати како партијата Куче со две опашки. Една од „егзибициите“ на групата пред неколку години бил графит на ѕид на кој бил напишан најдолгиот збор на унгарски јазик (megszentségteleníthetetlenségeskedéseitekért), и им снемало место откако напишале „само“ 32 од 44 букви. Некое време подоцна, групата изградила „станица за вселенски бродови“ на бреговите на реката Тиса, рекламирајќи дневни поаѓања до четири дестинации: Сириус, месечината, галаксијата Ганимед и Плутон.

Но, минатото лето, кога унгарскиот премиер Viktor Orbán и неговата десничарска влада воведоа серија на ксенофобични мерки за да ги одвратат десетиците илјади мигранти и бегалци кои минуваа низ Унгарија на патот кон Германија, Данска и Шведска, Kovács и партијата Куче со две опашки станаа сериозни.

„Навистина нé налути што владата ги користи парите на народот за кампања која ни кажува кого да мразиме“, вели тој. „Овде во Унгарија веќе се мразиме едни со други доволно“.

Четвртина век порано, како млад политичар со идеали, Orbán сакал да ги сруши ѕидовите и да отвори нови можности. Но, во последно време, ја фокусира својата енергија на исклучување на алтернативите. Откако победи на парламентарните избори во 2010 година, неговата владејачка партија Fidesz изведе добро оркестриран уставен државен удар кој го централизираше политичкиот авторитет, го скроти судството и им оневозможи контрола над државните институции на опозиционите партии. Орбан дури и изгради нови ѕидови долж границите на Унгарија, со цел да ги задржи мигрантите надвор од земјата.

Кон крајот на април, Fidesz воведе таканаречена национална консултација за имиграција и тероризам. Анкетни прашалници биле пратени по пошта на милиони Унгарци во мај, заедно со писмо од премиерот во кое тој тврди дека мигрантите кои минуваат низ Европа велат дека се бегалци, но нивната вистинска цел е да ги украдат работите и социјалната помош на Унгарците. Во анкетата имало 12 прашања, како: „Дали се согласувате со унгарската влада дека наместо имигрантите, подобро е унгарските семејства и децата кои наскоро ќе се родат да добијат поддршка?“.

Кучето со две опашки се спротиставиле со сопствен прашалник. „Седев сам дома и ми текна“, се сеќава Kovács. Ја објавил анкетата на 2 мај и за кратко време станала многу популарна. Едно од прашањата е „Има луѓе кои ги обвинуваат масоните, други кои ги обвинуваат Евреите или вонземјаните. Според вас, кој е виновен што нашиот национален долг останува висок?“. Можни одговори биле: „Евреите“, „вонземјатните“, и „Еврејските вонземјани!“.

Проценетата сума на националната консултација била една милијарда форинти (околу две милијарди денари), речиси двојно повеќе од сумата која владата на Унгарија ја потроши за спроведување на бегалци низ земјата. Поголем дел од средствата за помош на бегалците во Унгарија бил доделен од Европската унија. Два дена откако Kovács го објавил својот прашалник, претседателот на Европската комисија, Jean-Claude Juncker, го поздрави Orbán на Самит на ЕУ со крената рака, нарекувајќи го „Диктаторе!“.

Наредниот чекор на владата на Orbán беше да лепи антиимигрантски билборди во унгарските градови.

„Ако дојдете во Унгарија, не можете да им ги земете работите на Унгарците“, пишува на еден. На друг, „Ако дојдете во Унгарија, мора да ја почитувате нашата култура“. Потоа следуваше објавата дека со цел да ги задржи бегалците надвор од земјата, унгарската влада ќе постави ограда на границата со Србија.

Некои од владините билборди биле обоени само неколку часа подоцна, во знак на протест. За кратко време, Кучето со две опашки започнале двоен контранапад. Партијата го исмевала планот на Orbán да изгради ограда.

„Секако, ние Унгарците ја сакавме таа Железна завеса, ни недостига многу, луѓето ја искажуваа силната потреба од градење на слична ограда веќе неколку години“, саркастично велат.

Во истото време, Кучето со две опашки, заедно со алтернативниот блог за вести Vastagbőr лансирале кампања за собирање на 3 милиони форинти за да откупат 50 билборди на еден месец. Целта била низ земјата да се појават сатирични пораки кои ќе ги исмеваат ксенофобичните билборди на владата.

„Знаеме дека се многу пари, но кампањата на омраза на Fidesz стана толку дегенерирана што мора да направиме нешто невообичаено да и се спротивставиме“, напишале во кампањата.

Кампањата била голем успех, и ја собрале целта од три милиони форинти за само седум часа. Две недели подоцна, коалицијата собрала повеќе од 33 милиони форинти од донации. Тоа била доволно голема сума за 900 билборди (исто колку што имала и владата), а останале и еден и пол милиони форинти. Во изјава за печат, провладина организација тврдела дека „нема начин псевдо-невладина организација со две опашки легитимно да земе толку пари за своите псевдо-хуманитарни егзибиции“, тврдејќи дека парите „доаѓаат од странски извори“. Kovács признава дека има нешто точно во овие обвиненија, со оглед на тоа што од 7000 луѓе кои пратиле пари за кампањата, „најмалку 1000 биле пратени од странство“. Сепак, тој посочува дека се работи за Унгарци кои живеат во странство, „што и не е толку изненадувачки со оглед на тоа што половина држава сега живее во западна Европа“.

Контра-билбордите почнале да се појавуваат во јули.

„Ако сте премиерот на Унгарија, мора да ги почитувате нашите закони“, пишувало на еден, додека друг, подигнат во родниот град на Орбан, Фелцут, го цитирал унгарскиот закон кој забранува „омраза упатена кон членови на било која национална, етничка, расна или религиозна група“. Кампањата го истакнала и фактот дека не само „странците“ бараат работа во странство, туку и Унгарците во другите земји:  „Дојдете во Унгарија по секоја цена, ние веќе работиме во Лондон!“.

Освен финансиските донации, партијата се здобила и со стотици волонтери, млади и стари.

„Има многу луѓе кои сакаат да направат нешто. А, ние треба да откриеме како можат да ни помогнат нам и на Унгарија“, велат.

Кучето со две опашки можеби не е вистинска политичка алтернатива за Fidesz, но нудејќи поглед на светот кој многу се разликува од оној на владата, ги предизвика моќните и им покажа дека можат да бидат отстранети. Досега единствена стратегија на владата беше сосема да ја игнорира групата.

Кога во септември го прашале што мисли за Кучето со две опашки, György Schöpflin, пратеник на Fidesz во Европскиот парламент, се двоумел пред да одговори.

„Никогаш не сум разлислувал што прават и за што се борат. Не мислам дека е сериозна политичка партија“, рекол тој. Во право е. Не е вистинска партија. И токму тоа е поентата.

Кучето со две опашки, вели унгарскиот историчар István Rév, „е освежувачка група во десно-депримирана земја која го изгубила својот смисол за хумор“. Анонимен истражувач на унгарската политика кој сакал да остане анонимен вели дека од 2010 година, протестите против Орбан „биле или премали или премногу хомогени. Но, партија направена како шега успеа да собере 33 милиони форинти за билборди направени како шега. Имам измешани чувства, и им држам среќа. За сите нас“, вели тој.