Д-р Михаил Кочубовски: Дезинфекција не се прави на кал, чистењето ќе потрае

Опасноста од заразни болести во скопските региони зафатени од поплавите расте со зголемувањето на температурите, вели професорот Михаил Кочубовски од Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Kocubovski

Проф. д-р Михаил Кочубовски – специјалист по хигиена

Најчестите болести на кои се изложени овие граѓани доаѓаат преку загадената храна и вода, предупредува тој. И покрај резултатите од последните мерења кои покажуваат дека водата не е загадена, професорот вели дека забраната за пиење се уште е на сила додека не се утврди исправноста на водоводната мрежа и додека не се направат дополнителни анализи. Водата, сепак, може да се користи за лична хигиена.

„Анализите на водата кои ги имаме направено се добри. Некои се се уште во тек, но ние ја забранивме водата за пиење додека не бидеме апсолутно сигурни дека водата во целиот регион е исправна и додека од Водовод не бидат уверени дека сите делови од мрежата се сигурни. Не знаеме секаде каква е водата. Генерално водата може да се користи за миење и бањање, но не и за пиење и готвење храна. Потребно е да се внимава на личната хигиена. Да се внимава на безбедноста на храната. Луѓето да се снабдуваат од пунктовите за храна и да не ја користат онаа храна која е загадена, која ја имале дома или по подруми затоа што приземјето скоро на сите е поплавено и таа храна е загадена“, вели тој.

Темелно миење после секој контакт со калта и ѓубрето е најдобар начин за да се намали ризикот од заразни болести, вели Кочубовски.

„Луѓето работат со материјал кој е контаминиран. Најверојатно има биолошки и хемиски агенси. Фекални, отпадни и атмосферски води. Се е измешано. Ризикот не е само од фекалии, туку и од отпадот – од возила и од машини. Треба да се внимава на личната хигиена. Добра заштита, чизми и добро миење откако ќе се заврши работата. Треба да имаат и лични дезинфициенци за раце кои треба да се користат при пиење вода, при јадење, по завршување на работите. Луѓето кои дошле во контакт со водата и калта не треба да се грижат доколку потоа добро се измиле“, вели тој.

Информира дека се обезбедени пакети за лична хигиена и информативни флаери кои преку Министерството за здравство и Црвениот крст се доставуваат до населението. Тој додава дека на погодените места има и пунктови со бесплатни лекови како и екипи на кои граѓаните можат да побараат лекарска помош.

„Ако имаат појава на проливи, повраќање и покачување на температурата веднаш да се јават на лекар. Имаме пунктови на тие места кои работат деноноќно, исто можат да се обратат до Брза помош. Може да се јават промени и на кожата, посебно кај оние кои работат, затоа е потребно добро миење веднаш после секоја работа во таа средина“, вели Кочубовски.

До комплетна дезинфекција и дезинсекција на теренот ќе се почека додека не биде добро расчистен теренот.

„Ова ќе потрае. Штом се расчисти теренот, нашите екипи се спремни за дезинфекција и дезинсекција на површините и домовите. Но прво мора се добро да се исчисти. Дезинфекција на кал не се прави. Појавата на комарци е честа за овој период од годината, сега е очекувано да има повеќе. Граѓаните треба да внимаваат, ако имаат инсекти по домовите да постават мрежа и да се мачкаат за лична заштита. Против комарци се прскало и повторно ќе се прска“.