Цветови стари 100 милиони години пронајдени совршено зачувани во килибар

Седум цветови стари 100 милиони години, совршено зачувани во килибар, беа откриени во Мјанмар. Цветовите  биле зачувани во килибар во периодот Креда во Мезозоикот, веројатно во борова шума.

Научникот кој ги истражува цвеќињата, кои се во одлична состојба, смета дека веројатно паднале од дрвото на кое стоеле кога поминувал диносаурус.

„Диносаурусите можеби ги скршиле гранките од кои паднале цвеќињата во смола на стеблото на дрво, по што смолата фосилизирала во килибар“, вели Џорџ Поинар Помладиот, професор на Универзитетот на Орегон, на Факултетот за науки.

Дрвото било предок на каури боровите, кои денес можат да се најдат во Нов Зеланд и Австралија. И тие исто така произведуваат посебна смола, која е отпорна на климата.

Седумте цвеќиња се минијатурни, со дијаметар од 3,4 до 5 милиметри, па истражувачите од Орегон ги проучувале со микроскоп, и биле зачудени од тоа во колку добра состојба се.

„Килибарот ги зачувал цветните делови толку добро, што изгледаат како штотуку да се набрани од градината“, вели Поинар.

Научниците велат дека цвеќињата сигурно паднале во смолата пред суперконтинентот Гондвана да се подел, што објаснува зошто овој вид, пронајден во Мјанмар, е близок со современи видови кои сега се наоѓаат во Австралија.

„Веројатно килибарот во Мјанмар бил некогаш во Големата Индија, која се поделила од јужната хемисфера, суперконтинентот Гондвана, и пловел до јужна Азија“, објаснува Поинар.