Црнец се претставувал како бел расист на интернет за да го најде коренот на нивната омраза

За кратко откако Тео Вилсон почнал да објавува видеа на Јутјуб за неговата култура и раса, „тролови“ со расистички навреди го опсипале неговиот профил.

Откако се вклучил во бескрајни „натпревари“ во коментарите, Вилсон почнал да забележува нешто чудно: луѓето кои го навредувале зборувале сопствен јазик, преполн со извртени факти и лажна историја. Како да поминале низ некоја „врата до друга димензија“, да доаѓаат од алтернативен универзум каде историјата, политиката и општоприфатените факти се превртени наопаку.

Честа била идејата дека ропството е форма на хуманост која носела придобивки за поробените Африканци, дека ослободените црнци поседувале повеќе робови од белците пред Граѓанската војна, дека луѓето од различни раси го сочинуваат мнозинството на луѓе кои добиваат социјална помош и дека Џорџ Сорос ги финансира протестите на Black Lives Matter.

Љубопитен за тоа од каде неговите тролови ги добиваат овие револуционерни историски лекции, Вилсон, 36, наградуван поет и актер од Денвер, решил да оди на тајна мисија во нивниот дигитален свет. Во 2015 година, почнал преку создавање на лажен профил именуван Lucious25, дигитален бел супермацист кој изгледал како природен дел од онлајн ќелијата на радикалната десница.

Сликата која ја користел како аватар била од Џон Картер, херој на Конфедерацијата од научно-фантастичниот серијал на Едгар Рајс Буроус за авантурите на Марс.

За неколку недели, алтернативниот идентитет на Вилсон се занимавал со теми како родното место на Барак Обама, протестите на Black Lives Matter и навредување на луѓе од другите раси. Станал популарен во делот за коментари на познати веб страници на алтернативната десница, како Infowars и American Renaissance.

„Да бидам искрен, беше доста возбудливо“, ѝ речел Вилсон на публиката на неодамнешен TEDx разговор за неговото искуство. „Буквално поминував денови кликајќи низ мојот нов, расистички профил, глупирајќи се на Ариевска територија“.

За време на неговите осум месеци како расистички трол, Вилсон ниту еднаш не го открил вистинскиот идентитет. Кога сè завршило, вели Вилсон, почнал да го цени начинот на кој медиумите на радикалната десница ја оневозможуваат комуникацијата со својата публика – нудејќи бескраен бран на жртвени јагниња за нивните проблеми, но ниту едно рационално решение.

На прашањето како се чувствувал да создаде идентитет на личност која, доколку е вистинска, би го мразела него и сè што тој претставува, вели дека на почетокот било болно.

„Јас сум сè уште јас. Не сум слепиот лик кој го толкува Дејв Чапел, кој е член на ККК без да знае дека е црнец. За да ја надминам болката, морав да се одделам себеси од мислењето за себе како црнец. Пречките не исчезнаа, но почнав да се чувствувам како лик од карактерна студија. Сум глумел претходно, и вештината која ја развив учејќи глума ми овозможи да го правам ова. Глумата те учи дека можеш само да глумиш, па си велев дека сум Даниел Деј Луис или Дензел Вашингтон, кои се претвораат во својата улога“, вели Вилсон.

Вели дека на интернет може да се прочита сè:

„Сè уште има луѓе кои мислат дека црнците не се „целосно луѓе“ и дека заостануваат во еволуцијата. Коментарите кои ги прочитав за изгледот на лицето кој е сличен како на мајмуните и дека темната кожа е доказ за примитивност беа шокантни“.

Додава дека е факт дека има луѓе кои мислат дека црнците и белците се два различни видови, а не раси.

На форумите открил и дека бараат одговори за различни прашања. На пример, се трудат да сфатат зошто Америка денес им нуди помалку можности отколку што имале нивните татковци. Сакаат да знаат основни прашања за расата, што е мултикултурализмот, зошто само црнците го користат „Н-зборот“, и како расизмот не е исчезнат, кога ЛеБрон Џејмс и Опра имаат огромни сметки во банка.

Тој смета и дека неговиот експеримент е комплетно производ на дигиталната ера, како и дека секогаш има можност, иако многу мала, некој да го дознае твојот идентитет.

„Интернетот е она што автомобилот е за бесот. Стаклото и челикот формираат некој меур на замислена безбедност, која го зголемува бесот на луѓето, но ги спречува од тоа да се справат со последиците на тој бес. Има некоја искреност која се покажува во процеост“, заклучува тој.

Додава и дека искуството, иако за него било болно, на некој начин го научило на сочуство кон овие луѓе. Сепак, не е оптимист за иднината.

„Само затоа што ова искуство ме направи почувствителен, не значи дека сум надежен. Моето сочувство доаѓа од знаењето дека овие луѓе се сè уште многу ранливи на социјалното програмирање. Но, социјалните сили кои го прават расизмот вообичаена работа, нема да ги снема. Видете што се случи во Шарлотсвил, на пример. Како сосема нова генерација на белци стана полна со омраза? Никогаш не биле со татко им на расистичко линчување. Никогаш не почувствувале мирис на црнец на градски плоштад. А, сепак, ги присвоиле тие ставови полни со омраза. Тоа не ми дава ни најмалку надеж“, завршува Вилсон.