Црна Гора изготви закон за практична работа за младите од регионот

Повеќе правници од Црна Гора четири години се посветиле на анализи и истражувања со цел да напишат Закон за практична работа, односно закон што ќе го регулира преминот од образование до првото вработување на младите, но и нивното стекнување со искуство за време на формалното образование. Законот е во нацрт-верзија, а денеска им беше претставен на македонските министерства за образование и труд и социјална политика.

Според Игор Милошевиќ од Здружението „Ѕид“, овој закон ќе биде во корист на младите и работодавците не само во Црна Гора, туку ќе биде применлив за целиот регион. Тие изминативе години ги анализирале претходните програми и нивните ефекти врз младите и нивното оспособување за пазарот на труд, увидувајќи кои се бариерите.

„Сметам дека законот што денес го претставуваме овде е убава законска подлога за изработка на таков закон во регионот. Да не доаѓа се од Европа, да дојде и од регионот. Овој закон е испратен и во Брисел“, рече Милошевиќ.

Тој очекува со овој за кон да се разбере принципот на практична работа.

„Очекуваме тој концепт да има ефекти кога се во прашање млади луѓе и нивното вработување. Тоа се предложени и одредени активни мерки кои доколку би се спровеле навистина би довеле до тоа државата, од една страна, ја намали количината на пари кои ги инвестира во досегашната програма , а од друга страна, отвора можност и приватниот сектор влезе во овој процес и ги поддрже иницјиативите, но и ќе добие квалитетен кадар за извршување на своите обврски“, посочи тој.

Токму овие бариери помеѓу работодавачите и младите постојат и во македонскиот пазар на труд.

Според податоците што ги има Министерството за труд и социјална политика, невработеноста кај младите во 2016 година изнесувала 31,3 проценти, или 136 000 од нив се невработени или пак не се дел од никаква програма или обука. Од нив, 80 000 се невработени, а 55 706 се неактивни. Потоа, повеќе од половина од младите кои се невработени се со вишо образование, додека 16,8 отсто се со високо образование.

Во Македонија досега постојат Акциски план за вработување на младите од 16-29 години, Национална стратегија за вработување 2016-2020, Програма за реформи и вработување и социјални политики 2020 како и Оперативен план за активни програми и мерки за вработување.

Според досегашната Програма за вработување, која воглавно важи за лица од 16 до 29 години, но им се овозможува и на лица до 34 години кои никогаш не добиле работа, се доделува до 9000 денари месечно и трае од 3-6 месеци. Критериуми за работодавачите се да имаат план со работни задачи, барем едно лице да вработиле на неопределено време, да обезбедат ментор и да ги подмириле платите барем во последните шест месеци пред да аплицираат за учество во програмата.

Според Златко Талевски, претседател на Младинскиот културен центар во Битола, практичната работа е неопходна во сите фази на образованието кај младите луѓе, но и по завршување на образованието.

„Во Република Македонија моментално не постои закон за практична работа, но постојат иницијативи како што се за студентска пракса за време на студирањето, или како дел од мерките за вработување преку ангажман на практиканти во бизнис секторот и невладините организации“, посочи тој.

Податоците што ги добиле од нивното последно истражување на темата покажале дека не се посветува доволно внимание на студентската пракса, односно станува збор за проформа.

„Треба да се воспостави еден ефикасен систем за менторска поддршка на студентите за време на практичната работа. Не постои постои систем за тоа што се случува после праксата, како тие практично искуство го искористуваат во рамки на формалното образование и подоцна во полесното наоѓање на работа“, рече Талевски.

Според него, бизнис секторот е отворен, но нагласи дека потребно е да има млад обучен кадар кој со практична работа ќе значи влог за приватните фирми.

Емилија Петреска