Цивил: Забележани нерегуларности на гласањето во Центар

Цивил веќе ја распореди првата смена набљудувачи на Референдумот за ГТЦ утринава. Во текот на ноќта имаше јавувања од граѓан(к)и на дежурниот телефон 075 565 830 и по социјалните мрежи, велат од невладината организација која го следи гласањето на референдумот за изгледот на Градскиот трговски центар. 

На улица „Народен фронт“ број 19 и на уште две адреси на улица „Коста Шашов“ во населбата Капиштец, општина Центар, лифтовите намерно се расипани, според сведочењата на граѓан(к)ите. Плакатите од кампањата на Референдумот за ГТЦ се кинеа и во текот на минатата ноќ. И пред седиштето на ЦИВИЛ, плакатите на кампањата беа скинати и фрлени пред влезот.

Во гласачкото место број 2809 на ул. Народен Фронт бр. 21, Избирачкиот одбор откина осум гласачки ливчиња сосе делот кој треба да остане во кочанот.

„Веќе почнаа проблемите и притисоците врз нашите набљудувачи. На гласачкото место број 2850 во ОУ „Гоце Делчев“ (поранешно „Ленин“), на нашата набљудувачка ѝ е одземено овластувањето од ЦИВИЛ, под образложението: „Мораме да имаме нешто“. Ова е незаконско однесување на Избирачкиот одбор и ја повикуваме Општинската изборна комисија да интервенира во овој и другите случаи на нерегуларности при спроведување на Референдумот за ГТЦ“, велат од Цивил.

ЦИВИЛ го набљудува Референдумот за ГТЦ со над 100 набљудувачи, од кои 79 се акредитирани во ОИК. Од организацијата ги повикуваат граѓанките и граѓаните да пријават нерегуларностите на телефоните 02/5209 176 или 075 565 830.