ЦИВИЛ: Само два од двесте решени случаи за фантомски гласачи

„Ревизијата на Избирачкиот список не дава резултати. Во над 200 случаи на фантомски гласачи доставени до ЦИВИЛ во текот на пролетните месеци оваа година, нотираме дека само два случаи се решени, односно, податоците се коригирани. Два од двесте!“, рекоа денеска од ЦИВИЛ – Центар за слобода, кој објави периодичен извештај од набљудувањето на изборниот процес.

Од ЦИВИЛ велат дека уште позагрижувачки се случаите кога фантомските гласачи се тргнати од одредени адреси, за потоа, на истите адреси да се појават сосема нови гласачи.

„Овие случаи се пријавени во ЦИВИЛ, откако засегнатите граѓанки и граѓани поднеле претставки до ДИК и до матичните служби. Тие, исто така, јавуваат дека биле третирани како пинг-понг топчиња меѓу институциите“, рече денеска Џабир Дерала од ЦИВИЛ, потенцирајќи дека посебен случај се иселениците кои сѐ уште фигурираат во Избирачкиот список, а живеат во странство повеќе од 20 години.

„И покрај тоа што дознаваме дека постојат пријави и претставки за одреден број иселени лица за бришење од списокот, односно нивно ставање во посебен список, нивните имиња сѐ уште се на Избирачкиот список, но не во посебниот список со иселени лица. Исто така, граѓанките и граѓаните се жалат дека процедурата е нејасна, а повратните податоци за статусот на нивните пријави изостануваат или се штури“, забележува Дерала.

Од ЦИВИЛ потенцираат дека ДИК и другите надлежни институции во моментов не нудат ни транспарентност и квалитет на услугите. ЦИВИЛ констатира дека многу прашања околу Избирачкиот список остануваат неодговорени, а граѓанките и граѓаните талкаат низ лавиринтите на неефикасните институции и нивните подрачни единици.

„Нашите мониторинг тимови и истражувачи дојдоа до голем број случаи во кои напуштени куќи, урнатини, па и непостоечки објекти се дом на фантомските гласачи. Сторијата која доаѓа од Прилеп за гласачи регистрирани на адреса на напуштена куќа и случајот со паркингот во Тетово се само илустрација за состојби кои се забележуваат низ целата земја. Јавноста треба да знае каде се сместени сега десетици жители на Пустец кои претходно беа откриени на адреса на улицата ‘Максим Горки’ во центарот на Скопје. На кои адреси се гласачите во многу други вакви случаи? Сакаме да знаеме и имаме право да знаеме, а институциите имаат обврска да одговорат!“, рече Дерала.

Од ЦИВИЛ напоменуваат дека досега излегоа со повеќе информации за, како што велат, ужасната злоупотреба на социјално ранливите категории на граѓанки и граѓани, притисоци и манипулации со сиромашните и со социјалните случаи, со злоупотреби на сите категории од областа на социјалната правда за изборни цели.

ЦИВИЛ нотира стотици случаи на притисоци, уцени и закани врз граѓаните низ целата земја, а истовремено не забележува суштински напредок во медиумската сфера, каде велат продолжува „говорот на омраза, повиците на егзекуција на бранителите на човековите права и валканата кампања која се спроведува преку одредени медиуми и медиумски експонирани апологети на власта“.

Понатаму, потенцира и опструкции од Кривичниот суд, кој велат одеднаш има проблем да им издаде навремени потврди на неосудуваност на изборните кандидати.

Во извештајот е вклучен и притисокот врз малолетниците и условување на нивните родители врз грбот на децата, но и злоупотреба на јавни автобуси и службени возила за партиски цели. Во однос на лични податоци, бараат од институциите да го почитуваат Законот за заштита на личните податоци и да не ги споделуваат со партиските штабови.

„Во еден случај, како илустрација, бележиме дека една граѓанка чиј број на мобилен телефон гласи на име на друг член на семејството, прима повици од партиски штаб при што ѝ се обраќаат со нејзиното име и презиме. Тој телефонски број граѓанката го пријавила како контакт во една здравствена установа и една банка. Оттука, произлегува дека еден од овие ентитети го отстапил овој личен контакт за потребите на политичката партија“, велат од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ја алармира и јавноста и бара да престанат коруптивните практики и нетранспарентноста на институциите, особено во поглед на финансирањето на политичките партии.

„Јавноста има право да знае како се финансираат политичките партии, со колку средства располагаат за кампања, од каде се тие средства и како се трошат! На 19 јули, ЦИВИЛ испрати писмо до 70 политички партии со барање да дадат основни податоци за финансирањето на партиите и за нивните планови за финансирање на нивните политички активности и изборната кампања. До овој момент, само пет политички партии одговорија на ова барање: Левица, Либерална партија на Македонија (ЛПМ), Движење за обнова на Македонија (ДОМ), Народно движење на Македонија (НДМ) и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ)“, реагираат од ЦИВИЛ, потенцирајќи дека ќе ги употребат сите правни механизми да ги принудат политичките партии на отчет.

Инаку, овој извештај претставува сублимат врз основа на кратка селекција од извештаите на долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ од пријавите на онлајн формуларот на веб страницата Слободни Избори и од граѓанските новинарки и новинари.

Фото: ЦИВИЛ