Четврто издание на Недела на дизајнот во Скопје

Од 23. до 28. септември во Куршумли-ан, во Старата скопска чаршија ќе биде одржано четвртото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week), која годинава ќе се одвива под мотото „Четврта смена“.

Недела на дизајнот во Скопје од 23. до 28. септември

Програмата, како што најавија организаторите, е составена од активности кои ќе почнуваат во 10 часот претпладне, а ќе траат до доцна во ноќта.

По отворањето на 23 септември во наредните пет дена ќе следува интензивен ритам на паралелни и последователни програмски целини во кои се опфатени дизајнерски бизнис и едукативни презентации, основачка конференција на Балканска дизајнерска мрежа, Експо-зона, патувачки и некомерцијални изложби, работилници и панел-дискусии, „Гастро талент зона“ на „Барбакан“, новата форма на фестивал во фестивал со „Body, mind and spirit“, промоција на иницијативи со кои ќе се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија, но и целовечерни диџеј-сетови на српски и македонски диџеи во забавниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје.

Основачката конференција на Балканска дизајнерска мрежа ќе се одржи на 24 и 25 септември. Иницијатори на платформата, чија цел ќе биде да се дефинира идентитетот на балканскиот дизајн и со заеднички сили и креации да се настапи на светскиот пазар, се организациите „Јавна соба“ од Македонија, Хрватската асоцијација на дизајнери од Загреб и дизајн-платформата „Миксер“ од Белград.

Балканската дизајнерска мрежа во првите две години од постоењето треба да се отвори кон сите дизајн-платформи, компании, студија, поедници и институции кои се тесно поврзани со дизајн на производи и кои сакаат да придонесат за развојот на дизајн-сцената во регионот со цел да се оствари заедничката мисија.

Во рамки на Неделата на дизајнот во Скопје, презентации ќе имаат Никола Радељковиќ од „Numen/For use“, кај нас познат и по сценскиот дизајн за филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, Рикардо Капузо, основач и сопственик на платформата „Design42Day“ во Италија, Ханспитер Џејмс Келин, архитект, СДА-дизајнер и архитект за внатрешно уредување. Во сегментот на едукативни презентации ќе се одржи работилницата за млади талентирани луѓе кои работеле на развојот на софтверско решение кое треба да им овозможи на купувачите да создадат и дизајнираат сопствени комбинации на ЗАВАР дизајнираните радијатори.

Франција, земјата која годинава е во фокус, ќе биде претставена со десет најистакнати дизајнери и студија кои ќе ја донесат автентичната современа дизајнерска сцена во Скопје. Сегментот „Франција – земја во фокус“ е организиран во соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот Институт во Скопје.

Неделата на дизајн во Скопје ќе даде можност да се стекнат и практични вештини во повеќе области на продукт-дизајнот. Од 24 до 28 септември во Куршумли-ан ќе се одржат пет работилници на „Lotus design store“ за дизајн на поп-ап столици од рециклиран материјал, фузија на стакло, дизајн на керамички чаши, работилницата „Моден круг“ и работилница за 3Д-декорации. Ментори на работилниците ќе бидат Анита Гај од „Lotus design store“ и „Lotus lounge chair“, заедно со Марта Поп Антоска (М-арт), Александар Дудески (Творница) и модната дизајнерка Ирина Тошева.

Во текот на Недела на дизајнот во Скопје ќе се одржи и Државното првенство на баристи, ќе биде објавен победникот на конкурсот за креативно дизајн-решение за брендирање на новиот производ – гроздов мед на ВВ „Тиквеш“, како и работилницата „Мобилен букбокс“.

Во забавниот сегмент потврдени се настапите на „Мјустрап“, „Лејт фор кофи“, „Лорна винг“, „Луз азул“, „Заа“, „Нејкед“, диџеј Ачим и диџеј Мед Хатер од Србија и македонските диџеи Флудер, Флуид, Васо и Томи Бојаџи.