Четири наставници прогласени за просветни работници на годината

Лила Арсова од ООУ „Васил Главинов“ од Велес, за одделенска настава, м-р Матилда Бајкова од ООУ „Вера Циривири-Трена“ од Скопје, во категоријата предметна настава, Гордијана Ѓоргова, во категоријата средно образование и Муамер Доко од ООУ „Братство и единство“ од Охрид, во категоријата од заедниците беа прогласени за „Просветни работници на годината“ за учебната 2016/2017.

Признанијата ги додели Сојузот на просветни работници на Македонија, по повод Светскиот ден на учителот, 5-ти октомври.

Заменик-претседателката на Сојузот на просветни работници, Лидија Николовска Георгиевска, истакна дека преку Светскиот ден на учителот целта е да се мобилизира поддршка за учителите и да се осигура дека потребите на идните генерации ќе продолжат да бидат исполнувани од страна на учителите.

„За жал, учителите денес се уште не ја обезбедија вистинската почит и силното вреднување на оваа професија. Денес учителите се исправени пред низа предизвици и поминуваат низа турбуленции. Виталноста, вербата и достоинството на учителите, постојано треба да се развива затоа што тие се заслужни за училишната клима, култура и етика и иднината на земјата во голема мера е во рацете на просветните работници“, нагласи Николовска Георгиевска.

Признанието беше доделено минатата недела во Ликовниот салон „Бели мугри“ во Велес.

5-ти октомври е прогласен за „Светски ден на учителите“ од УНЕСКО во 1993 година, а во Македонија се одбележува од 1994 година.