Чешкиот претседател на пресконференција со „калашников“ посветен „за новинарите“

Претседателот на Република Чешка на пресконференција на новинарите им покажа имитација од автоматската пушка калашников, на која беа изгравирани зборовите „за новинарите“.

Милош Земан, кој на оваа функција е од 2013 година, предизвика контроверзи, бидејќи потегот доаѓа една недела откако истакната истражувачка новинарка во Малта беше убиена со автомобил-бомба.

Брендирањето на имитација на автоматска пушка со „на новинарите“, доаѓа пред земјата да го изгласа за премиер популистичкиот милијардер Андреј Бабиш. Земан рекол дека во сабота ќе му го врачи мандатот на Бабис, кој е втор најбогат човек во Република Чешка.

Бабиш, кој е лидер на партијата АНО (што на чешки значи „да“), победи на парламентарните избори освојувајќи скоро 30% од гласовите. Неговата партија ја прекина доминацијата долга четврт-век на традиционалните две партии во Чешка – Социјадемократите и Демохристијаните, кои освоија само 7 и 6 проценти од гласовите. Бабиш дојде на власт со платформа на изразен евроскептицизам и анти-естаблишмент.

Критичарите изразија загриженост околу влијанието на Бабиш во медиумите, бидејќи тој е сопственик на два најголеми весници во земјата и една радио станица, па таа ситуација може да предизвика потенцијален конфликт на интереси.

Земан и во минатото предизвикуваше контроверзи со негови изјави за новинарите, претходно нарекувајќи ги „хиени“ и „ѓубриво“.

Во мај, тој со Владимир Путин се шегуваше дека некои од новинарите на настанот на кој беа присутни требало да бидат „ликвидирани“, во коментар кој беше осуден во Чешка.

 

Медиумските слободи се проблематична тема во земјата, бидејќи чешкиот медиумски сектор се повеќе се концентрира во рацете на неколкумина богати поединци.

Земан, кој е поранешен премиер и беше дел од процесот на приклучување на Чешка кон Европската Унија во 2004 година, сега има претежно церемонијална улога, иако има одредени важни овластувања според уставот.

Тој стана славен по неговите контроверзни коментари. Исламот го има наречено „религија на смрт“, повикал на смртна казна за вегетаријанци и анти-алкохоличари, подоцна допрецизирајќи дека мислел на Хитлер кој не пиел алкохол и не јадел месо. Земан предизвика и дипломатски конфликт поради неговите изјави дека Босна и Херцеговина може да стане база за Исис.

Во ноември 2014 година, на 25-годишнината на Кадифената револуција, илјадници граѓани протестираа против Земан револтирани од неговите про-руски ставови и вулгарниот јазик.