Цензурирана емисијата „Код“ на новинарката Снежана Лупевска Созен

Новата емисија „Код“, во која се прикажани трагичните судбини на двајца работници во фабрика во Македонија, била цензурирана, информираше новинарката Снежана Лупевска Созен, која е и авторка на програмата која се емитува на ТВ Телма.

Таа во изјава за „Фокус“ објаснила дека една од сториите кои требало да се емитуват во вчершаното издание на „Код“ била цензурирана по извршен притисок врз телевизијата од сопственикот на кавадаречката фабрика, каде што се случиле трагичните настани.

Лупевска Созен нецензурираната епизода на „Код“ ја објави на Јутјуб, посочувајќи дека и покрај можните последици за нејзината кариера се решила на таков чекор од морални и човечки причини.

„Вечерва се соочив со уште еден притисок кога бев информирана дека новата епизода на КОД нема да биде објавена во целост. Во емисијата ги прикажуваме трагичните судбини на двајца работници. Едниот од нив умрел во фабричката хала кога го згмечиле котури а другиот останал без двете раце при повреда на машината на која работел. И двата случаји тапкаат низ судските лавиринти со години. Александар е мртов а Христијан е без рака но се надева на вештачка за која во моментов нема финансиски средства“, напиша Лупевска Созен на својот Фејсбук профил.