Центар испитува како се градени објекти од „Скопје 2014“, најави и мерки против загадувањето

Општина Центар врши ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“. Меѓу нив, како што најави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, се споменикот на Ќосето, за кој се проверува дали има одобрение за градба, но и Мајка Тереза, Градската куќа заедно со хотелот кој се гради и мостот „Око“.

Општината ова го прави во соработка со Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Специјалното јавно обвинителство.

„До последен милиметар ќе се испитува што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници и урбанисти и стручни лица за јавни набавки. Веќе до некои сознанија ќе дојдеме многу брзо, до крајот на годината, а некои, кои што ќе се комплексни, ќе почнат по Нова Година. Досега, се ова одеше бавно бидејќи се она што се доставуваше како сознаније или изготвена ревизија од општина Центар, во обвинителството се оставаше во фиока. Сега се надевам работите ќе одат многу побрзо и поефикасно“, рече Богдановиќ.

Тој најави од понеделник средба во Град Скопје за спорната тераса на партијата ВМРО-ДПМНЕ. За законитоста на терасата имаше долга сага и низа препукувања на релација општина Центар-Град Скопје-ВМРО-ДПМНЕ.

„Се’ што е незаконско изградено ќе биде отстрането. Општина Центар е единствената општина која што го нема во владение неизграденото градежно земјиште. Во разговори сме со Министерството за транспорт и врски и очекуваме од 2018-та година да располагаме со ова земјиште, за да може да се градат нашите ветени и предвидени проекти“, рече Богдановиќ.

За катната гаража „Никофон“ има две кривични пријави за екс министерот Миле Јанакиески и неговиот наследник, но, велат од Центар, ништо не е преземено. Центар планира ова да остане паркинг, бидејќи, тврдат тие, со она што го туркала претходната централна власт, биле оштетени и општина Центар и граѓаните.

Според Богдановиќ, Буџетот за 2018 година ќе биде развоен и домаќински. Предвидена е завршување на сите неопходни интервенции во училиштата и градинките, фасадите да станат енергетски ефикасни, да се заменат 10-тина фасади кои се рунирани во Пролет, Дебар Маало и зградите на просторот спроти „QBE“ Македонија.

„Бидејќи сега нема веќе блокади од општина Аеродром, наредната година конечно, по 50 години, улицата ‘Ѓуро Ѓоновиќ’ во Маџир Маало ќе биде реконструирана, потоа ќе се обноват слободните зелени површини и паркови, меѓу кои и Паркот на Франкофонијата. Наредната година ќе започне изградбата на нова градинка во Маџир Маало, 2 монтажни паркинзи и конечно ќе се расчистат тротоарите, со што ќе се ослободи простор за велосипедски патеки“, велат од Центар.

Општинарите тврдат дека со БЕГ веќе се започнати разговори за приклучување на преостанатите маала на централно грење. За почист воздух, велат тие, ќе има рестрикции за паркирањето во Центар и во договор со градот, забрана за изведување на градежни активности во деновите кога воздухот е загаден.

Богдановиќ најави активности со МВР и надлежните институции за отстранување на дивите препродавачи, потоа ставање ред во работењето на угостителските објекти.

„Eден од главните проекти во 2018-та е воведување на нов сообраќаен режим, зони на мирно возење и ограничување на дотур на стока“, рече Богдановиќ.

Прв пат Центар ќе носи буџет во две фази, а по 5 декември, најавуваат општинарите, буџетот ќе се крои заедно со граѓаните, на средби со нив, со граѓанските здруженија и невладините организации.

„За наредната година ќе биде предвиден помал буџет, а што се однесува до прославата на Нова Година, општина Центар нема да троши пари за тоа, но со помош на спонзорства, жителите на Центар, но и сите други граѓани, ќе можат да ја дочекаат Новата Година со македонски пејачи, без класична бина, сите заедно на Сквер Јадран. Околу шест милиони денари, колку што требаше да се одвои за новогодишната прослава, ќе се пренаменат за зголемување на чистотата и социјална помош“, велат од Центар.