Центар: Исечено е старо и заболено дрво, на вториот дел од Боемска ќе биде засаден нов дрворед

Иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ алармираше за сеча на улицата „Раде Кончар“, а од Oпштина Центар тврдат дека е исечено е старо, заболено и одбележано дрво од стручни лица од Град Скопје.

„Со решение од Град Скопје, ЈП ‘Паркови и зеленило’ го исече дрвото. На вториот дел од Бомска улица ќе биде засаден дрворед од 18 нови костени“, велат за Радио МОФ од општина Центар.

Општинарите веќе известија дека уредувањето на продолжението на Боемска улица, потегот од кафеаната „Идадија“ до училиштето „Коле Неделковски“, е во завршна фаза. Поставена е нова атмосферска канализација, ново осветлување, а се работи на и поплочување на улицата. Вториот дел од Боемската улица ќе биде во должина од 650 метри и површина од 4.000 квадрати.

„Во одбрана на Дебар Маало“ обвинија дека Општина Центар декларативно се залагаат за зачувувањето на ова урбано јадро, а продолжуваат со села на дрва и намалување на зеленилото на сметка на проширување улици, изградба на згради и правење повеќе простор за тераси од кафеани.