Британски совет објави јавен повик за избор на име на првиот регионален филмски фестивал

Британскиот совет објави јавен повик за избор на име за првиот регионален филмски фестивал на кој ќе биде прикажана најновата британска филмска продукција.

Фестивалот на британски филм ќе се одржи истовремено во шест градови во Западен Балкан од 16 до 19 февруари 2017 година. Форматот на фестивалот е прилично единствен – публиката во Скопје, Белград, Сараево, Подгорица, Призрен и Тирана ќе има можност да гледа десет филмски премиери истовремено во текот на четирите фестивалски денови. Ова ќе биде првиот фестивал воопшто, кој почитувајќи ги разликите, ќе се однесува кон Западен Балкан како кон единствен културен простор. Фестивалот ќе ја обедини публиката околу една од работите која им е заедничка – љубовта кон современиот британски филм, соопшти Британскиот совет.

Предлозите за името на фестивалот може да бидат доставени на www.britishcouncil.mk до 23:59 часот на 8 јануари, недела.

Авторот на победничкиот предлог ќе добие можност за приватна проекција, за него и неговите гости, во текот на фестивалот на една од шесте локации по сопствен избор.

– Правилата се едноставни и потребно е само да бидете креативни. Единственото ограничување е името на фестивалот да биде на англиски јазик за да може да се користи во целиот регион. Бараме име кое ќе биде лесно за паметење и ќе биде поврзано со Велика Британија и британскиот филм, стои во соопштението.

Победничкото фестивалско име ќе биде избрано од страна на група филмски и маркетинг експерти од Британски совет од Велика Британија и Западен Балкан.