Борба со времето и заборавот во „Копилиња во умот“ на „Лица без маски“

Синоќа во МОБ се одржа и петтата по ред претстава од репертоарот на Театарскиот фестивал „Лица без маски“. Овој пат пред скопската публика деби имаше претставата „Копилиња во умот“ на Фабио Омедеи.

Од дете до човек, од љубов до празнина. Перфектен часовник.

Фраза која ја одбележува претставата „Копилиња во умот“, од почеток до крај, во текот на циклусот кој е перфектна метафора за еден човечки живот згазен од времето.

Претставата на Фабио Омедеи, кој воедно е и режисер на истата, во продукција на Театарската академија „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија, кај просечниот гледач предизвикува морници, силни импресии и размешани чувства. Храбра, експресивна, со одлична сценографија, оваа корео-драма раскажува за животниот пат на човечкото битие – зачнување, раѓање, детство, младост, љубов, смрт. Борба со времето.

Но, кои се копилињата според оваа претстава? Копилињата се нашите мисли, манипулатори, куклари кои нé влечат за конците и ни наредуваат како на марионети. Секоја акција, секоја мисла, секој чекор кој го правиме во текот на нашиот живот – сето тоа е резултат на волјата на копилињата, на времето. Еуфоријата и радоста се само илузија која венее додека ние старееме. Со секоја година, па и со секој ден изминат во рутина и секојдневие сме подалеку од вистината и поцврсто под контролата на времето, а не на сопствената волја.

Од дете до човек, од љубов кон празнина. Совршен часовник. Времето е антагонистот во овој несекојдневен перформанс, а копилињата се негови слуги кои се грижат времето да го надвладее смртниот човек кој се бори за вечност и единство.

А единственото прашање кое си го поставувате во текот на целата претстава е: можно ли е да се запре часовникот? Како? Одговорот лежи во потомството: оставајќи свое дете зад себе, човекот му пркоси на времето и го покорува, враќајќи го циклусот на самиот почеток. Од љубов до празнина, од дете до човек. И приказната повторно започнува.

Стефанија Тенекеџиева